Министерот за земјоделство Љупчо Николовски информира дека на денешниот состанок со младите фармери од Национална федерација на фармери (НФФ) уште еднаш биле потврдени придобивките за сите земјоделци од новиот модел за субвенционирање.
Со буџетот за 2023 година обезбедуваме средства за најголемата реформа во земјоделството преку поддршка на малите семејни бизниси и малите семејни винарии, капитални водостопански инвестиции, модернизација на македонското земјоделство и нашиот главен приоритет, пошумување и обнова на шумскиот фонд – напиша Николовски на Фејсбук.
-Младите земјоделци се нашата мотивација, интересот за мерките кои ги нудиме е се поголем кај нив. Поддршката која ја даваме на младите земјоделци да започнат свој бизнис преку неповратни грантови вродува со успех. Заинтересираноста на младите токму за земјоделскиот сектор е и европски тренд, кој е тесно поврзан со зголемување на свеста за значењето на животот во здрава и еколошка средина и препознавање на земјоделското производство како профитабилен бизнис. Инвестирањето во вистинските млади земјоделци е наш стратешки пристап, се со цел да се развива и модернизира секторот земјоделство – вели Николовски.