Град Скопје има континуирано и стабилно снабдување со топлинска енергија од страна на АД ЕСМ, истакна генералниот директор на компанијата Васко Ковачевски.
– Најголем дел од топлинската енергија добиваме од ТЕ-ТО, а во функција и во производство со природен гас се и топланите Исток и Запад кои ги стопанисува АД ЕСМ, топланата Енергетика во нашиот капацитет во Гази Баба. Постигнат е и договор за деловно техничка соработка со топланата Скопје Север каде ЕСМ го обезбедува природниот гас за да имаат топлинска енергија и граѓаните во овој дел на Скопје – рече Ковачевски на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека ЕСМ формира нови компании за топлинска енергија и не ги презеде постојните од БЕГ поради што има мало доцнење на сметките за потрошена топлинска енергија што ги плаќаат граѓаните.
– Тоа бараше малку време за добро да се организираме и да извршиме набавка на сите потребни ресурси, а дополнително ги отворивме и наплатните пунктови. Граѓаните веќе ги добиваат сметките за октомври, а сега ќе ги добија и за ноември. Заради доцнењето при добивањето на сметките од страна на ЕСМ нема да се наплаќа камата или дополнителни трошоци. Откога ќе ги добијат сметките граѓаните кои нема навремено да ги платат ќе имаат дополнителни трошоци за неплатени сметки – рече Ковачевски.
Во завршна фаза, како што рече, е и овозможувањето на електронско плаќање на сметките и нагласи дека во текот на грејната сезона нема да има промена на цената на сметките за парното греење.
За потребите на греењето во Скопје обезбеден е природен гас до 15 јануари, а наскоро ќе се објави тендер за набавка на гас за периодот јануари-април. За тоа, како што посочи, се известени сите 36 трговци што се регистрирани за таа дејност. Тие ќе имаат можност да понудат цени за снабдување по месец или за сите четири месеци одеднаш.