Германската влада во почетокот на декември го претстави планот со кој широко ги отвора вратите за работната сила од земјите надвор од Европската Унија. Во согласност со новите критериуми, за да се работи во Германија нема да бидат потребни ни диплома ни познавање на германскиот јазик, што ја зголемува опасноста од нов уште поголем бран на иселување од државата и одлив на работници. Македонската економија и досега се соочуваше со голем проблем од недостиг од квалификувана работна сила, кој сега уште повеќе ќе се зголеми
Германија целосно ги отвора вратите на пазарот на трудот
Во текот на следната година македонската економија може да се соочи со нов и уште посилен бран на одлив на квалификувана работна сила, а причина за тоа може да бидат најновите одлуки на германските власти, кои најавија олеснувањето на процедурите за прием на странски работници. Германската влада во почетокот на декември го претстави планот со кој пошироко ги отвора вратите за работната сила од земјите надвор од Европската Унија. Според овој план, странците повеќе нема да бидат ограничени само на професијата, па така, на пример, механичар ќе може да работи како магационер или полицаец како келнер. При разгледување на апликацијата за работна виза, искуството ќе добие на тежина, но истовремено нема да биде пресудно познавањето на германскиот јазик како што беше претходно. Тоа, пак, отвора можност германскиот пазар на трудот да го вшмука целиот работен потенцијал на земјите од Балканот и регионот, вклучувајќи ја и Македонија, едноставно да остане без работници.
Планот вклучува и иновативен систем за бодување за работници од трети земји, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан. Основните „критериуми може да бидат квалификации, јазични вештини, работно искуство, семејни врски со Германија и возраст“. Но германските власти најавуваат и полабав однос во „бодувањето“ на познавање на јазикот и на семејните врски, критериуми што дополнително ќе се разгледуваат во трипартитната коалиција на канцеларот Олаф Шолц.Се очекува полесно добивање работна виза и за престој за потенцијалниот работник што веќе има некој роднина што работи во Германија. Во практика, тоа би значело дека за да се работи во Германија, нема да бидат потребни ни диплома ни познавање на германскиот јазик.
Во изминатите три децении Македонија е изложена на постојано иселување работоспособни лица и се проценува дека околу 700 илјади лица заминале на привремена работа во странство или трајно се отселиле. Прогнозите се дека оваа бројка во иднина ќе расте. Во сите економски и политичките анализи, како клучни фактори за иселување се споменуваат неекономските фактори, како што се: недовербата на институциите, високата корупција и големата политичка нестабилност, немањето перспектива за децата, како и желбата за подобар животен стандард… Процесот на иселување се засили по завршувањето на здравствената криза и пандемијата на коронавирусот, кога Германија ја донесе уредбата за висококвалификувани работници со која беа опфатени и работниците од земјите на Западен Балкан.
Дополнителниот одлив на работници сериозно ќе се одрази на македонските компании, кои од поодамна се соочуваат со недостиг од стручна работна сила. Како најризични професии, за кои постои голем интерес во Германија, се од лекари, медицински лица, негувателки, ИТ-инженери, машински и градежни работници до возачи и угостителски работници.
За да ги задржат квалификуваните работници, домашните компании мораат да ги зголемуваат платите и да ги подобруваат условите за работа. Со овој проблем на недостиг од работници се соочуваа и помалку развиените членки во Европската Унија.
Заради надминување на овој проблем, од стопанските комори протекуваат препораки за поголемо ангажирање на државата со носење мерки што би влијаеле на повисоки плати на домашните работници.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија, деновиве, можеше да се слушне и предлогот за намалување на стапките од придонесите по основ на платите, а со ослободените давачки би се пренамениле за платите на квалификуваните лица во домашните фирми! Во контекст на даночните реформи, со сличен став излезе и даночниот експерт Павле Гацов, кој смета дека Владата не само што треба да продолжи да ги субвенционира придонесите за социјално осигурување по основа на зголемување на платата туку треба и да го зголеми овој износ.
– На овој начин повторно со помош на државата ќе се поттикне зголемувањето на нето-платите кај субјектите што сакаат и можат да исплатат зголемени плати, како една од мерките за задржување на квалификуваниот кадар во земјата. Ќе влијае и врз лимитирањето на потенцијалниот одлив на македонски работници што би имале интерес да работат во соседните земји во рамките на мерките за прекугранично вработување на Отворен Балкан, односно заминувањето во земјите од Европската Унија – изјави Гацов.
Владата недоволно го истакнува проблемот со одливот на работници, кој во основа претставува и наш најголем извозен производ, како што потенцира Здравко Савески, експерт и добар познавач на работничките права и пазарот на работна сила.
– И сега веќе се чувствува недостигот од работници. Цели сектори се жалат дека им недостигаат работници, тргнувајќи од занаетчии до угостители или земјоделци. Државата треба посериозно да се позанимава со проблемот со извозот на работници. Споредбено со другите земји од регионот, како што се Косово и Босна и Херцеговина, нашата земја сѐ уште имала помала стапка на одлив на работници, што значи дека во наредниот период токму нашата земја ќе биде изложена на посилен процес на иселување. Не верувам дека со намалување на стапката за придонесите за платите ќе се постигнат и повисоки плати за вработените – потенцира Савески.
Според Савески, политиката на државата во однос на спречувањето поголем одлив на работниците, треба да се насочи кон отстранувањето на „неекономските“ фактори за иселувањето, како што е на пример корупцијата, која се генерира на сите нивоа во државата. М.Ј.