Министерот за култура, млади и спорт на Косово, Хајрулах Чеку најави дека неговата држава идната есен ќе аплицира за зачленување во Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, УНЕСКО, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во интервју за телевизијата Теве1, Чеку изјави дека со аплицирањето за зачленување во УНЕСКО и во други меѓународни организации се потврдува суверенитетот и независноста на Косово.
– Јас верувам дека при наредната можност треба да се аплицира. А таа можност ќе дојде наредната есен, затоа што генералната конференција на УНЕСКО се собира секои две години и ова е можност за аплицирање. Аплицирањата во Советот на Европа, во Европската Унија, во НАТО, а многу наскоро и во УНЕСКО, се природни дејствија кои ги потврдуваат суверенитот и независноста на Косово – изјави Чеку.
Тој ја потврди информацијата дека во текот на овој месец Приштина ќе поднесе барање за добивање на статусот на земја кандидат за зачленување во ЕУ.
– Верувам дека со истата логика треба да продолжиме и со УНЕСКО и со другите меѓународни организации и институции – рече Чеку.
При последниот обид да се зачлени во УНЕСКО, на конференцијата во 2015 година, Косово не успеа да го обезбеди потребниот број гласови од земјите – членки, поради силното противење и лобирањето на Србија и на нејзините сојузници.
Македонија не воведува визи за Косово
Македонија не воведува визи за Косово, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, наведувајќи дека станува збор за грешка на Европската комисија која ќе биде поправена.
– Тоа е грешка на Европската комисија, ставањето на Косово на листата на земји со коишто треба да има визен режим е пропуст којшто е увиден од страна на Европската комисија. Никогаш не е поминато низ телата на ЕК и тоа ќе биде ревидирано – рече Османи.
Османи посочи дека трендот не е воведување визи туку поинаков, да се минува границата со лични карти.
– Тоа е целосно контрадикторно со политиката на ЕК. Ние во рамки на Берлинскиот процес само што потпишавме договор шесте земји – членки за движење со лични карти во регионот, така што трендот е спротивен од воведување на визи. Ние сега не само со Косово, со БиХ, со Црна Гора, со Србија нема потреба ни пасош да вадиме, а целта е на крај целосно овој регион да влезе во рамки на слободното движење на граѓани – изјави Османи.
Министерот за надворешни работи одговарајќи на новинарско прашање ги отфрли тврдењата за одземање на визната либерализација на Северна Македонија. Османи кажа дека ќе се работи на дополнителни ослободување во односите со ЕУ.