Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и неговиот домаќин, шефот на државата Стево Пендаровски утрово посетија работилница за филиграни во Старата скопска чаршија, каде се запознаа со изработката на накит и експонати на македонски рубин.
Двајцата претседатели потоа во кафе бар во ориентален стил пиеја чај и беа послужени со домашно подготвена баклава и трилече.
Оттаму се упатија кон Сули Ан, во Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, каде беа пречекани од деканката, проф. д-р Славица Јанашлиева, посетија едно од ателјеата каде што студентите следат настава и разговараа со група студенти.
Двајцата претседатели обиколката во Старата скопска чаршија ќе ја завршат во Чифте аман каде ќе се сретнат со екипата на македонскиот документарен филм „Медена земја“ и неговата главна протагонистка Атиџе Муратова. Во своето обраќање вчера во Парламентот, Штајнмајер меѓу другото се осврна и на овој успешен македонски документарец за една од последните диви пчеларки во Европа и неговите силни пораки кои го обиколија светот за гордата култура на една мала земја, но и една уште поголема порака која ги надминува границите на земјата дека не смееме целосно да ги искористиме даровите од природата, ниту неповратно да ја уништиме нашата животна средина.
Според агендата, германскиот претседател Штајнмајер денеска ќе има средба и со млади луѓе посетители на Политичкото училиште на Претседателскиот центар за политичко образование.
Попладне Штајнмајер ќе го посети Ветерниот парк во Богданци, прв од ваков вид на Западниот Балкан, а потоа и фабриката „Дрекслмајер“ во Кавадарци.
Шефот на германската држава вчера имаше средби со неговиот домаќин претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски, а се обрати и пред пратениците во Собранието каде порача дека Северна Македонија се наоѓа пред важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го трасира патот за отворање на поглавјата во поединечни области.
Ова е прва официјална посета на Штајнмајер на Македонија. Од Скопје, германскиот претседател заминува во посета на Албанија.