Фото: Игор Бансколиев

Целта за намалување на цените е заедничка – и на Владата и на граѓаните и на индустријата. Сите ќе бидат задоволни доколку намалувањето на цените на месните преработки бидe што поголемo, на пример над десет проценти, што може да се случи веднаш ако се донесе одлука за ослободување од плаќањето на
царината, порачуваат од месната индустрија

Месната индустрија побара од Владата да ги укине давачките на увозните суровини што не се произведуваат во државата. Од компаниите за преработка на месо потсетуваат дека оваа мерка беше активна до јуни 2022 година, а со нејзина повторна примена веднаш може да дојде до поевтинување на месните преработки и за над десет проценти.
Преработувачите на месо, како одговор на кризата и намалената куповна моќ на потрошувачите, најавуваат акција „Домашни квалитетни евтини месни производи достапни за секој наш граѓанин“. Оваа иницијатива беше договорена на работниот состанок што го организира Групацијата за преработка на месо и производи од месо во Стопанската комора на Македонија.
Македонските компании од месната индустрија не бараат субвенции, туку само изедначување на условите за стопанисување. За споредба, во Србија има осум отсто давачка, другите земји немаат царина на замрзнатото месо, додека нашата држава има 18 до 35 проценти во зависност од тарифниот број.
– Ја поздравуваме одлуката на Владата за фиксна цена на струјата и истовремено бараме да ги укине давачките на увозните суровини што не се произведуваат во државата, мерка што беше активна до јуни 2022 година. Целта за намалување на цените е заедничка – и на Владата и на граѓаните и на индустријата. Сите ќе бидат задоволни доколку намалувањето на цените на месните преработки бидe што поголемo, на пример над десет проценти, што може да се случи веднаш ако се донесе одлука за ослободување од плаќањето на царината на одредени тарифи на суровина за крајна употреба за овој кризен период, а за трајно решение да се прифати предлог-законoт што е доставен до Министерството за финансии и Владата – велат од Стопанската комора.