Без оглед дали ги пишуваат од своите лични профили на социјалните мрежи или од лажни, Македонците, се чини, се многу моќни и „речити“ кога станува збор за ширење говор на омраза
Говорот на омраза не им е далечен, уште помалку непознат, на македонските корисници на социјалните мрежи. Напротив, кога станува збор за стереотипна или политичка тема, Македонците се најгласни на своите тастатури со пцости, навреди, погрдни зборови, клевети и закани. Ова е повеќе од очигледно од коментарите под вестите што веб-порталите ги објавуваат на Фејсбук, Твитер и/или Инстаграм.
Без оглед дали ги пишуваат од своите лични профили на социјалните мрежи или од лажни, Македонците, се чини, се многу моќни и „речити“ кога станува збор за ширење говор на омраза. Можноста за коментирање на вестите што ги објавуваат информативните електронски портали како да им е „вентил“ на многумина читатели, кои бесот, очајот, стресот, комплексите и, што ли уште не, ги исфрлаат со коментари што „вриштат“ од омраза.
Веста со сензационалистички наслов „Снаа го прегази свекорот во сопствениот двор“, која пренесува детали од полицискиот билтен за овој немил настан е простор за секој трет читател што коментира да ја искаже својата „црна шега“.
Имено, иако станува збор за детали како се случил настанот (при паркирање снаата со возилото го удрила свекорот во дворот од семејната куќа), многубројни се коментарите со предрасуди и иронични досетки.
Веста со наслов „Гавранлиев позираше со партнерот во здолниште“ е уште еден во низата примери од кои може да се воочи говор на омраза кај голем дел од читателите што коментираат, овој пат, на основа на сексуалната ориентација и на родовиот идентитет. И верувајте, под сите вести на темата „Гавранлиев“, како по правило, има од три од пет коментари со ваков тип говор.
Ова се само два од многуте примери. Но, несомнено, едни од најжешките теми за виртуелна дебата во која се раѓа говор на омраза во нашето општество се темите поврзани со политиката, национализмот и етничките групи во земјава.
Откако порталите ќе објават некоја вест за политичка одлука и/или настан, без оглед дали станува збор за домашна или за меѓународна политика, или ќе пренесат став од некоја јавна личност, поларизираните ставови настапуваат на сцена. Едни бранат едни, други бранат други, но аргументите никаде ги нема!
Нападите за наводна корист за бранење одредена политичка провениенција се нормални на социјалните мрежи. Се напаѓа со пцости, навреди, закани, па дури и клетви! Се користат погрдни епитети за етничката, партиската, верската, сексуална припадност, сѐ до моментот кога се суди дури и за личниот физички изглед. Не помалку се застапени етничката нетрпеливост и национализмот во коментарите на вестите објавени од портали и на македонски и на албански јазик.
Иако голем дел од фејсбук-страниците на информативните портали во описот појаснуваат дека не поддржуваат говор на омраза и се обидуваат да ги бришат негативните коментари и коментарите што поттикнуваат говор на омраза во низа, очигледно не постигнуваат да го санираат сето ова изразување, кое паѓа во очи на социјалните мрежи.
– Нашата идеја е читателите да се информираат, да научат нешто ново, да дадат сугестија што можеби ќе стигне до надлежните да посочат некои аргументи, да спротивстават издржани ставови, а не да се контрираат на лична основа – вели еден уредник на веб-сајт. Извор: Брукингс.еду
Според него, кога би требало да ги бришат коментарите под објавите на социјалните мрежи што содржат говор на омраза би требало да вработат лице за таа намена, но буџетот на медиумот не може да го понесе и тој финансиски товар. Можеби донекаде тоа и би се косело со правото на слободно изразување на граѓаните.
Неретко станува збор за т.н. политички ботови што се платени да коментираат за и против власта и опозицијата, а не внимаваат на говорот што го користат, сѐ со една цел – да бидат повпечатливи и поубедливи во своите излагања.
Иако сѐ почесто Министерството за внатрешни работи добива пријави за закани упатени на социјалните мрежи преку пораки, објавени статуси или коментари, сепак, општ впечаток е дека сѐ се сведува на виртуелно силење што останува неказнето.
За дел од случаите во кои говорот на омраза е закана упатена кон јавна личност, полицијата спроведува распит и ги сослушува мотивите на заканувачите, но и загрозените од виртуелните објави. Стручни лица, социолози и психолози, новинари и аналитичари, во најголем дел не го оправдуваат ширењето на ваквиот говор на омраза. Сепак, упатените во темата велат дека и дел од медиумите имаат вина што го поттикнуваат истиот тој. Неодамна, во емисијата „Само вистина“ на телевизијата Канал 5, гледачите можеа да видат една дебата во која говорот на омраза од едниот кон другиот соговорник не беше доволно и навреме спречен.
Останува отворено прашањето колку водителите, новинарите и уредниците имаат желба да го „пресечат“ говорот, за кој несомнено знаат дека ќе им донесе повеќе публика. Причина што луѓето „се палат“ на овие теми е што медиумите ги пласираат со сензационалистички наслови. Кога насловот би бил етички, професионален, новинарски…, луѓето можеби не би реагирале толку бурно. Пласираните информации генерираат и неретко поддржуваат говор на омраза токму со сензационализмот со кој порталите се борат за поголема читаност, а емисиите за поголема гледаност.
Како и да е, во едно можеби треба да се согласиме. Ако го исклучиме говорот на омраза на социјалните мрежи, во коментарите може да се најде и понекоја вистина кога луѓето, „обичните“ граѓани, ги споделуваат своите искуства, проблеми, идеи, критики… дури и кога го прават тоа со револтиран тон, на еден народски речник. Сепак, треба да се внимава на речникот!
Ваквиот јавен дискурс е лош пример и негативна практика во општеството. Кога една млада личност би го погледнала речникот што се ниже под објавите на социјалните мрежи, под вести објавени и од реномирани интернет-медиуми, дали можеби би помислила дека тоа е нормално, прифатливо и одобрено од пошироката јавност?
Екстремната и континуирана експресија на говор на омраза води кон деградирани општествени текови. За жал, борбата против говорот на омраза, кој станува стандарден на социјалните мрежи, сè уште е само декларативна! (Республика.еду.мк)