Во градовите ширум Европа, властите размислуваат дали да се одлучат за слабо осветлување бидејќи цените на енергијата се зголемија поради војната во Украина или да ги осветлат градовите по две години божиќни празници погодени од пандемијата на коронавирус и да ги почестат граѓаните со празнична веселба, за време на која трговците на мало би можеле и да заработат.
Посетителите на божиќниот пазар во Верона веќе пијат варено вино и купуваат празнични украси, но освен дрвените тезги на саемот, италијанскиот град допрва треба да ги украси своите улици додека официјалните лица расправаат за тоа колку да го осветлат градот за време на енергетската криза.
– Ако нема светла, тие би можеле и да го откажат Божиќ – вели Естрела Пуерто, која продава традиционални шпански мантили или женски превези, во мала продавница во Гранада, Шпанија, додавајќи дека божиќните украси го поттикнуваат бизнисот.
Помалку светла трепкаат од централната елка на познатиот божиќен пазар во Стразбур, кој привлекува два милиони луѓе секоја година, додека францускиот град се обидува да ја намали потрошувачката на електрична енергија за 10 проценти.
Од Париз до Лондон, градските власти ги ограничуваат часовите на празнично осветлување, а многумина се префрлија на енергетски поефикасни ЛЕД светилки или обновливи извори на енергија.
Лондонскиот трговски кварт „Оксфорд Стрит“ се надева дека ќе ја намали потрошувачката на енергија за две третини со ограничување на осветлувањето од 15 до 23 часот и инсталирање на ЛЕД светилки.
– Еколошки гледано, тоа е единственото вистинско решение – рече жителката на Париз, Мари Брезе (26) додека шеташе по Елисејските полиња, кои се осветлени само до 23.45 часот, наместо до 2 часот по полноќ како претходните години на Божиќ.
Овогодинешните празнични ЛЕД светла ќе бидат исклучени од 1 до 6 часот во стариот град Брашов во централна Романија и на други места, соопштија властите.