РАКОМЕТ
Романската репрезентативка Кристина Неагу, која четири пати беше прогласувана за најдобра ракометарка во светот во една година, стана најдобар стрелец по бројот на постигнати голови на европските првенства (ЕП), и тоа во обете конкуренции, мажи и жени, со вкупно 296 погодока.
Со овој рекорд таа го помина Гудјон Валур Сигурдсон од Исланд, кој е водечки стрелец на европските првенства кај мажите, со 288 гола. На третото место на оваа листа е Французинот Никола Карабатиќ, со 279 погодока, а следува Данецот Микел Хансен, со 260, додека петта е Црногорката Јованка Радичевиќ, со 205.
Селекциите на Црна Гора и на Франција се двете репрезентации што се пласираа во полуфиналето на годинашното Европско првенство, од главната група 2 во Скопје, а од другата група, која се игра во Љубљана, до синоќешните дуели само Норвешка обезбеди полуфинале, а во трка за второто место беа Данска, Шведска и Словенија. Г.И.