Емил Ристески

Македонските претставници освоија вкупно 42 поена од 99 можни или 41,6 отсто

МЛАДИНСКО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ШАХ

ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Емил Ристески (2.371, рангиран 17-ти пред почетокот на турнирот) е најуспешниот од 11-те македонски претставници, од кои шест шахисти во пет возрасни категории (до 10, 12, 14, 16 и до 18 години) и пет шахистки во три возрасни категории (до 12, 14 и до 16 години), на Европското првенство (ЕП) за млади, кое се одигра во Анталија (Турција). По девет кола, Ристески (категорија до 18 години), го освои 13-то место со шест поени (пет победи и по две ремија и порази), меѓу 85 шахисти. Овој резултат е само продолжување на континуираниот напредок на Ристески, со настапите на Шаховската олимпијада, сениорското ЕП, каде што ја освои и втората норма за интернационален мајстор (ИМ), младинското СП каде што го освои 22-то место и сега младинското ЕП, на кое заврши шест места подобро од почетното рангирање.
– Целта на ова ЕП ми беше да завршам меѓу првите тројца и да освојам медал, но не успеав. Од прикажаното како најдобра партија би ја издвоил последната, во која го победив полскиот ФМ Мачеј Чопор (рејтинг 2.430). Засега немам испланирано турнири во иднина, но се надевам дека што поскоро ќе стигнам до титулата ИМ – ни изјави Ристески.
Одличен настап имаше и Антон Златков (2.107, рејтинг-поени, рангиран 45-ти), кој во категоријата до 16 години го освои високото 18-то место со 5,5 поени меѓу 103 шахисти (плус нови 67 рејтинг-поени), како и најмладиот (до 10 години), Никола Петровски (1.387, рангиран 58.), кој е на солидното 28. место со 5,5 поени (плус 72 р.п.) од 91 учесник. Кај девојчињата, пак, најдобар пласман има Моника Жежовска (1.654, рангирана 29-та), која со 4,5 поени го освои 45-то место (50 отсто) во категоријата до 14 години, меѓу 76 шахистки.
На ЕП 2022 за млади во сите категории играа вкупно 1.001 учесник од 46 држави (17 ИМ, 5 ЖИМ, 71 ФМ, 27 ЖФМ), а македонските претставници освоија вкупно 42 поени од 99 можни (41,6 отсто). Г.И