Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека враќањето на украинските војници во Херсон е историски ден и вети дека ќе ја врати целата окупирана Украина.
„Нашиот народ. Наш Херсон“, напиша Зеленски на Телеграм, поздравувајќи го историскиот ден.
На улиците на Херсон вчера имаше прослава кога украинските војници пристигнаа во градот од кој Русија се повлече.
Украинските знамиња се вееја на улиците, а локалните жители скандираа додека пристигнуваа украинските војници.
Зеленски претходно изјави дека специјалните единици на украинските вооружени сили веќе се во градот Херсон на југот на земјата, по повлекувањето на руските трупи.
Белата куќа ја поздрави „извонредната победа на Украина во градот Херсон, кој беше ослободен од руската армија по речиси девет месеци окупација“, пренесува АФП.
– Се чини дека Украинците штотуку постигнаа извонредна победа. Единствениот регионален главен град што беше окупиран од Русија за време на војната сега е повторно под украинското знаме. Тоа е навистина извонредно – им рече на новинарите Џејк Саливан, советник на американскиот претседател Џо Бајден. на самитот во Камбоџа.
Саливан истакна дека повлекувањето на Русија од Херсон ќе има „пошироки стратешки импликации“, вклучително и намалување на долгорочната руска закана за другите јужни украински градови, како што е Одеса.
– Ова е значаен момент што се должи на упорноста и вештината на Украинците, кои се неуморно поддржани од САД и нашите сојузници – додаде Саливан.