Оформени се предмети во кои се оспорени статутот и програмата на здруженијата „Културен центар Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети – Охрид“, по поднесените иницијативи на политичката партија „Левица“, односно на адвокатот Тони Менкиноски, информира Уставниот суд.
Предметот се наоѓа во почетна фаза, односно во претходна постапка и е предаден на работа кај советник на судот и судија кои во следниот период треба да подготват реферат со конкретен предлог по којшто Уставниот суд ќе одлучува на седница.
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените статут и програма се спротивни на членот 20 став 2 од Уставот затоа што според него се насочени кон разгорување на национална или верска омраза или нетреливост. Во иницијативата е наведено дека дејствувањето на здружението е насочено кон уривање на уставниот поредок на Републиката и разгорување на национална омраза и нетрпеливост. Подносителот на иницијативата бара поништување на оспорените акти.
– Што се однесува на вториот предмет од интерес за јавноста информираме дека е оформен предмет во кој се оспорува програмата за работа и статутот на здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети -Охрид“. И овој предмет се наоѓа во рана фаза- претходна постапка во која се прибираат потребните информации – се наведува во соопштението на судот.
Подносител на иницијативата е адвокатот Тони Менкиноски. Во иницијативата се наведува дека оспорените акти се противуставни бидејќи се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, негирање на неговата самобитност и разгорување на национална омраза или нетрпеливост. Подносителот на иницијативата бара поништување на оспорените акти.