Бизнисменот Орце Камчев пред неколку дена излегол на слобода, откако неодамна побарал спојување на двете затворски казни на кои беше осуден, објавуваат медиумите повикувајќи се на информации од Кривичниот суд.
Камчев повеќе нема обврска да се појавува на спиење во затворот во Струга, каде што влезе пред четири месеци. Тој беше осуден на по една година затвор за предметите „Империја“ и за Плацови на Водно“, а доби заедничка казна што е намалена за четири месеци.
Обвинителството не поднело жалба на ваквото барање на бизнисменот. Камчев претходно се спогоди со обвинителството за случајот „Империја“, со што е одредено дека треба да плати и отштета од 5,2 милиони евра.
Бизнисменот првично требаше да почне да ја издржува казната во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, на 1 јуни годинава, но во меѓувреме ја промени адресата на живеење од Скопје во Охрид, со што Охридскиот суд стана надлежен за извршување на санкцијата. На тој начин беше овозможено Камчев казната да ја издржува во затворот во Струга каде што затворениците имаат право да користат викенд и годишен одмор.