Славниот американски актер Шон Пен му го подари својот „оскар“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Киев. Актерот и режисер по трет пат ја посети Украина за време на војната со Русија, а во Украина и во Полска снимаше и документарец за бегалската криза.
Пен му го подари „оскарот“, како симбол на вербата во победата на Украина, на Зеленски со надеж дека војната ќе дојде до крајот. Зеленски, пак, на Пен му додели „орден“ за заслуги од трета класа, пренесуваат медиумите.
Пен во пресрет на претходното доделување на „оскарите“ кажа дека ако не ѝ се изрази поддршка на Украина, тоа ќе биде еден од најсрамните моменти во историјата на Холивуд. Двократниот оскаровец тогаш јавно вети дека ќе ги истопи своите статуетки ако Академијата не му понуди на Зеленски да се обрати на церемонијата.
Пен освои „оскар“ за најдобар актер за „Мистична река“ во 2003 година и за улогата во „Милк“ во 2008 година.