Иронијата, хуморот и сатирата се најекспресивните и единствени вредни форми на изразување на новиот век – тврдат извесни експерти од областа на социјалната психологија и комуникации. Да претпоставиме дека е така и дека е само тоа и, еве, да ги земеме и како „чистилиште на опстанокот“.
На бугарската карта на предрасуди Македонците се впишани како „грчки Словени“. Тешко ми е да објаснам една шега без да ја изгуби хумористичноста, но генерално идејата е дека во Бугарија понекогаш Македонците се доживуваат како луѓе без историја, како народ што е принуден да им ги зема историјата и културата на соседите, па така допрва да го гради својот идентитет… ќе рече во интервју Јанко Цветков, бугарски дизајнер и автор на Атласот на предрасудите…, проект во кој се мапирани стереотипи, предрасуди, малициозности, што во ерата на глобалниот поглед на интернет е популарно, духовито, забавно и оригинално произведение. Според нив /бугарските ултранационалисти/, Македонија граби што може, без оглед на тоа дали има смисла или не. Па така, „грчки Словени“ е обид да се исмее оваа идеја со еден очигледен оксиморон. Словените не можат да бидат предмет на вакви „духовити анализи“ затоа што тие воопшто не постојат… – премногу заплеткано… подвлекува шпанскиот Бугарин и географски дизајнер Јанко Цветков.
Но на ридестиот Балкан сѐ е можно, па забавните и хумористични предистории понекогаш знаат да се свртат и во неочекувани насоки. Па така, пред некоја година осамна несекојдневна вест и прошета низ медиумите на Балканот. Дописникот од Бугарија за радио Би-би-си побарал македонско државјанство, јавија некои грчки медиуми. Разочаран од животот во Бугарија, поранешниот дописник на Би-би-си, Христо Казашки, избрал нестандардна форма на протест и одлучил да побара македонско државјанство, јавија бугарските медиуми, а веста ја пренесоа и гласилата во Атина.
„Изгубив верба дека во блиска иднина Бугарија ја очекуваат добри работи. Нацијата се топи како снег на топло време“. Младите, меѓу нив и Јанко Цветков, картографот, земаат билет во еден правец и си одат надвор од земјата. Според Христо Казашки, Турција не му одговара за преселба затоа што е христијанин, Грција и Романија не му се допаѓаат, а некако најмила и најблиска му е Македонија. Минатата година бил во Охрид, Скопје, Битола и тука му се бендисало… Минималната пензија кај нас е 150 лева, а во Македонија е 140 евра, горивото А95 во Бугарија 2,70 лева, а таму 2,20, тие не престигнаа во секој поглед, изјавува и расудува европски Христо Казашки, идниот „освестен“ Бугарин – Македонец, така некако би дошло според забавниот атлас на Јанко Цветков.
Следуваа серија коментари во медиумите и социјалните мрежи. „Браво, сега вие Македонците ќе броите седум милиона“, иронизира читател што се потпишува како Елин Пелин. Култивиран Балканец, читател нуди нестандарден бугарски доказ и образложува – секогаш коментирам со светски докази, не со чаршиски муабети. Ќе наведам цитати од бугарскиот учен од 19 век Атанас Б. Шопов, кој во извесна смисла ги демантира своите сонародници од 20 век и вели: „Па дури ни денес, во 1885 година кога Европа би побарала македонското население да се определи и да каже на која народност ѝ припаѓа, уверени сме дека поголем дел од Македонија ќе ни летне од раце, со исклучок на две-три околии од Северна Македонија. Сите други Македонци се готови да дадат каков сакаш пишан документ дека тие не се Бугари… Офејков /Атанас Б. Шопов/, – Македонија во време на илјадагодишнината на св. Методиј, Пловдив, стр…“
Дебатите, дискусиите, па и вицови за потеклото, постоењето /или непостоењето/ на Македонците и Македонија, со несмалена жестина се одвиваа и во нашиот медиумски обзор порано, но и сите овие дваесетина и кусур години. Тие во некоја рака почнуваат да заличуваат на големиот број средновековни теолошки расправи за постоењето на Господ.
Повеќето од нив се во духот на прочуениот Хегелијански алгоритам – негација на негацијата, во кој постоењето на Македонците се негира и на куб. Постојат многубројни докази за постоењето на Господ, тврдат одредени теолошки доктрини, но сето тоа предизвикува одредено сомнение – кај мудрите филозофи. Бидејќи ако за една работа постои еден доказ, сите други не ни се нужни, а ако се повеќе докази, тогаш сигурно не се несоборливи – постулираат категорично.
За природата, карактерот и етногенезата на Македонците не може ништо конкретно да се каже, сѐ е тоа само одреден начин на гледање на работите – се обидува да ја сврти дискусијата во стилот на христијанскиот средновековен мислител, атинскиот митрополит Псевдо Дионизие, извесен неосвестен македонски транзициски политичар – мислител. На тоа остро реагира и се спротивставува кралот на артефактите и бардот на македонската преродба, познат археолог. Во духот на модерниот рационализам и доктрината на железните правила на Дејвид Хјум, смирено се залага само за онаа вистина што ја допираме, газиме, гледаме и чувствуваме и живееме.
„Македонија, земјата на три реки, Вардар, Струма и Бистрица, е обрабена со возвишени планини, од кои најпознати или највисоки се Олимп, Шар Планина и Родопите – високи меѓу 8.000 и 9.000 стапки над нивото на морето.
Таа е меѓу најживописните земји од Европа, богата со прекрасни шуми, кои се искачуваат по ридовите, декорирани со реки и скриени острови; дивите планински сцени, прекрасните водопади и мирните езерски површини соодветен амбиент за скапоцените камења од смарагдните островчиња, длабоките клисури, вртоглавите планински патеки, насмеаните рамнини и напуштени предели, кои треба да докажат една неодолива привлечност за патникот, кому опасноста и авантурата му претставуваат вистинско задоволство“. „Современиот преглед“ на Македонија од 19 век претставува вистински туристички водич што ги претставува убавините на земјата, но истовремено ни ги прикажува не само границите на земјата туку посредно и сите контроверзии што се појавуваат како последица на бугарската, српската и грчката пропаганда во тој период.
Статијата на „Њујорк тајмс“ од 3 ноември 1895 год.
Ноември 2022 година… – Очекуваме властите во Република Северна Македонија да гарантираат еднакви права и слободи за сите нејзини граѓани, вклучувајќи и за оние што се идентификуваат како Бугари.
Тоа се однесува на слободното изразување на нивните историски ставови и верувања во услови на плуралистичко општество, како и на можноста за создавање политички партии, здруженија и културни центри… – соопшти МНР на Бугарија… Циркуз без пари… Господ и религијата немаат врска едно со друго, бидејќи господ, како и Македонците на овие простори, постои долго пред религијата и смешните атласи, дебати, малициозни коментари, а барања и гаранции ќе има и ќе постојат засекогаш. На небото е рајот, долу на Балканот од дамнина е зовриен пекол, а во средината меѓу нив е хуморот како чистилиште на опстанокот.
Аљоша Симјановски