Очекуваме дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе си ја завршува работата онака како што треба и оти новиот шеф ќе си ги преземе сите мерки за да функционира според оние задачи и задолженија кои ги има. Дека ќе се гони криминалот, односно ќе се завршуваат повеќе предмети кои се во надлежност на тоа Обвинителство, изјави вечерва претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски,откако беа соопштени разултатите од гласањето за нов шеф на ОЈОГОКК, според кои Ислам Абази доби најмногу гласови.
Комисијата за избори при ОЈО, соопшти дека најмногу гласови, 66, добил Ислам Абази. Втор, од четворицата кандидати по број на гласови е Ермон Незири со 64 гласови. Деса Пауновска има добиено 10 гласови, а Вилма Русковска 14.
По објавувањето на резултатите претседателот на Комисијата Влатко Ѓеоргиев, за Абази кажа дека е исклучително добар човек и исклучително добар професионалец.
Од Комисијата наведоа дека во рок од седум дена Ислам Абази треба да биде именуван за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Согласно Законот, како што укажаа од Комисијата, четворицата кандидати, како и избирачите имаат право на приговор во однос на резултатите од гласањето.
Комисијата информираше дека на Изборно место 1 – Вишо јавно обвинителство Битола гласале 20 обвинители. Ислам добил 13 гласови, Незири Ермон – четири гласови, Пауновска Деса нема ниту еден глас, Вилма Рускоска – еден глас. Наважечки ливчиња има две.
Изборно место број 2 – Вишо јавно обвинителство Гостивар, 18 гласачи. Ислам 16 гласови, Незири нема добиено ниту еден глас, Пауновска два гласови и Рускоска ниту еден глас.
Изборно место број 3, Вишо ЈО Скопје, гласале 91 обвинител. Ислам 24 гласови, Незири 47 гласови, Пауновска пет гласови и Рускоска 12 гласови. Едно неважечко ливче, двајца обвинители не гласале.
Изборно место број 4 – Вишо ЈО Штип – 21 гласач гласале, од 23. Ислам доби седум гласови, Незири 12 гласови, Пауновска два гласа, Рускоска нема добиено гласови.
Изборно место број 5 – ЈО на РСМ – 11 гласачи, Ислам шест гласови, Незири еден глас, Пауновска еден глас, Рускоска еден глас. Едно ливче е неважечко, еден обвинител не излегол на гласање.