Германското Министерство за финансии објави дека канцеларијата на поранешната канцеларка Ангела Меркел е предупредена за преголемите трошоци што ги создава откако поранешната канцеларка ја напушти функцијата во декември минатата година, јавуваат германските медиуми.
И канцеларијата на Ангела Меркел е предупредена да го прилагоди бројот на вработени според потребите, пренесуваат германските медиуми.
Се посочува дека службата на поранешната канцеларка постои не од „статусни причини“, туку за „исполнување на обврските кои произлегуваат од мандатот на канцеларот, како и новосоздадените должности“.
Се нагласува дека, кога станува збор за функцијата на нејзината канцеларија, „исклучено е користењето за приватни цели, како и за остварување дополнителен приход“.
Надоместот на патните трошоци може да се разгледува само доколку поранешната канцеларка патува по наредба и заради интерес на Сојузна Република Германија“, се вели во писмото на Министерството за финансии до Комисијата за буџет на Бундестагот. Во писмото не е прецизирано за кое конкретно патување станува збор.
Понатаму, критиката е и за преголемиот број вработени во канцеларијата.
Според законот од 2019 година, Бундестагот финансира најмногу пет вработени за поранешните премиери, а по пет години бројот се намалува на четири.
Во канцеларијата на Ангела Меркел моментално се вработени девет службеници, пишуваат медиумите.