Закани за поставени бомби се испратени до скопски средни училишта вторпат неделава, по што учениците и вработените се евакуирани додека полицијата врши антитерористички проверки.
Во СВР Скопје, денеска околу 14 часот е пријавено дека на мејл-адреси на четири училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба.
Станува збор за училиштата „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Здравко Цветковски“ и „Јосип Броз Тито“, потврдија за МИА од МВР.
– Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот – потврдија за МИА од МВР.
МВР завчера доби пријави од девет училишта на територија на градот дека на нивните електронски адреси добиле порака со закана за поставена бомби, каде по завршените антитерористички проверки беше утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Полицијата завчера приведе осомничен во врска со заканите, но го пушти по распитот, при што и обвинителството соопшти дека приведениот скопјанец не бил поврзан со заканите за подментани бомби.
Девет училишта и минатата недела неколку дена по ред на нивните електронските адреси добиваа дојави за бомби, кои по проверката од страна на МВР се потврди дека се лажни.