После десетчасовни испитување полицијата утрово го ослободи Никола Николовски (23), кој синоќа беше приведен како осомничен за лажните пријави за бомби во средните училишта во Скопје.
Платформа именувана како „Конзерватив.мк” синоќа на својот фејсбук-профил објави дека нивниот член и активист Никола Николовски е приведеното лице за наводна поврзаност со заканите за поставени бомби што ги добија неколку средни училишта во Скопје, но дека тој е неправедно уапсен.
Станува збор за активист што работи на платформата „Конзерватив.мк“. Полицијата по распитот го ослободи приведениот Николовски за заканите со бомбите во средните скопски училишта.
– Со лицето е извршен службен разговор, и во координација со јавното обвинителство извршен е претрес во неговиот дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот – соопшти МВР, а пренесува 360 Степени.
На фејсбук-страната на платформата Николовски е наведен како активист и уредник на нивната веб-страницата.
– Неспособноста на МВР и властите резултираше кон приведување на невини лица. Одговорно тврдиме и демантираме дека нашиот член Никола има каква било поврзаност со овие настани – пишува на фејсбук-страницата на платформата „Конзерватив.мк“.
Платформата ,,Конзерватив.мк“ се декларира како движење што спојува граѓански активисти чии примарни заложби се демократија, слободен пазар, здрава животна средина, како и активисти чија примарна идеологија е конзерватизмот и либертаријанството.