Американската компанија „Вестингхаус електрик ко“ ќе ја гради првата полска нуклеарна електрана, информираше полскиот премиер Матеуш Моравјецки, потврдувајќи ја долго очекуваната одлука, чија цел е намалување на емисиите на јаглероден диоксид и ставање крај на користењето јаглен, јавија дел од светските медиуми.
Како што наведуваат, полскиот избор на САД за партнер, ја нагласува важноста на односот на Полска со Вашингтон, во време кога нејзината безбедност е во фокус, додека Русија води војна во соседна Украина.
Американската компанија беше во трка со фирма во сопственост на Јужна Кореја, што испрати понуда во април. Варшава преговараше и со француски субјекти, заинтересирани за овој проект.
– Американското партнерство на овој проект е поволно за сите нас: можеме да се соочиме со климатска криза, да ја зајакнеме европската енергетска безбедност и да се зајакне американско – полската стратешка врска – објави потпретседателката на САД, Камала Харис на Твитер.
Според претставник на Белата куќа, Харис заедно со американската министерка за енергетика Џенифер Гранхолм настојуваше да и помогне на компанијата „Вестингхаус“ да го обезбеди договорот, неколкупати разговарајќи со Моравјецки изминатиот период.
Како што тврди изворот, проектот ќе создаде илјадници работни места за Американците. Изборот на „Вестингхаус“ и САД, потенцира претставник на американската Влада, испрати порака до рускиот претседател Владимир Путин, „за силата и вмрежувањето на американско – полското сојузништво“.
Варшава бараше партнер кој ќе обезбеди 49 отсто од финансирањето за изградба на нуклеарен капацитет со моќност од шест до девет гигавати.
Изворите појаснија дека Полска прво ќе ја избере технологијата, што значи кој ќе биде партнер, а дополнително ќе разговара за деталите на договорот.