Земјите од Западен Балкан оваа година би можеле да постигнат раст на БДП до четири отсто, но им се заканува растот на цените на енергијата, инфлацијата и непредвидливиот тек на војната во Украина, се вели во оценката на Светска банка во редовен есенски шестмесечен извештај, објавен денеска.
Во анализата се проценува дека оваа година БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија и Албанија ќе забележат просечен раст на бруто домашниот производ од 3,4 отсто, што е двојно помалку од 2021 година, кога овој раст изнесуваше 7,6 отсто, но истовремено е значително повисока од проекциите за 2023 година, кога се очекува забавување на економскиот раст и пад на ниво од 2,8 отсто за целиот регион.
Годинава највисока стапка на раст на БДП забележа Црна Гора, каде може да заврши на ниво од 6,9 отсто.
Драматичното зголемување на инфлацијата се почувствува и во овој дел од европскиот континент, па таа до октомври достигна просечно 12 отсто за сите земји од регионот, но во Босна и Херцеговина беше дури 16 отсто.
– Владите во Западен Балкан ги спроведуваат неопходните мерки како одговор на зголемената инфлација и енергетската криза, но нивната цена е висока бидејќи има значително зголемување на јавните расходи – рече директорот на Светска банка за Западен Балкан, Ксијаокинг Ју.
Таа посочи дека од клучно значење е преземените мерки да ги заштитат најранливите домаќинства и компании, а Светска банка останува подготвена да помогне во тие напори.
Во земјите како БиХ, се наведува во анализата, најсериозните домашни ризици за финансиската стабилност остануваат нерешените политички проблеми, отсуството на реформи кои ги бара Европската унија, но и влијанието на растот на цените на енергијата, што ќе значи притисок врз фискалниот сектор.
Покрај тоа, постои закана од прекини во производството и трговијата како резултат на глобалните случувања, односно војната во Украина.