Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема, ја доби „Златната топка“ за најдобар фудбалер во светот, во во избор на францускиот магазин „Франс фудбал“, на вечерашната церемонија во Париз.
Бензема беше клучен фудбалер на „кралевите“ во освојувањето на шпанската Примера и на Лигата на шампионите забележувајќи 44 гола и 15 асистенции на 46 настапи за Реал минатата сезона. Францускиот репрезентативец го предводеше Реал кон трофејот во Лигата на шампионите, тресејќи ги мрежите на ПСЖ, Челси и на Манчестер сити во нокаут-фазата. Тој беше водечки стрелец во најквалитетното европско клупско натпреварување со вкупно 15 гола.
Престижната награда на 66-то издание првпат се базира на постигнувањата во текот на една сезона (во случајот 2021/2022), наместо како досега, во рамките на една календарска година.
Фудбалерката на Барселона, Алексија Путелјас, втора година едноподруго e добитничка на наградата „Златна топка“ во женска конкуренција.
Полскиот репрезентативец Роберт Левандовски е добитник на наградата „Герд Милер“ за најдобар стрелец за изминатата сезона, откако во дресот на Баерн Минхен постигна 41 гол во германската Бундес-лига.
За најдобар светски голман е избран Тибо Куртоа од Реал Мадрид, кој се закити со наградата „Лав Јашин“.
Играчот за врска на Барселона, Гави, е добитник на наградата „Рајмонг Копа“ за најдобар млад фудбалер во светот.
Наградата „Сократес“, за фудбалери и фудбалерки вклучени во општествени и добротворни проекти, му припадна на Садио Мане од Баерн Минхен, кој им помага на своите сограѓани во Сенегал, обновува училишта, болници, гради фудбалски терени…