Фото: Архива

Станува збор за шема во која, кога ќе добијат активна забрана, возачите ја пријавуваат возачката како изгубена во „Службен весник“. Тоа го прават за да не може полицијата да види дека имаат активна забрана. Потоа, одат на шалтерите на МВР, каде што поднесуваат барање за да извадат нова возачка дозвола и на тој начин продолжуваат да управуваат со моторно возило и покрај активната забрана. Тие всушност одат на среќа и се надеваат дека доколку ги застане полиција, нема да им ги провери возачката дозвола и нивните податоци во системот, па ќе поминат неказнето. Но плановите не им се остваруваат секогаш, па полицијата успева да ги фати и овие манипулатори

И со активна забрана за управување, возачите ги возат своите автомобили

Во менталитетот кај популацијата на балканските простори постои еден интересен феномен, кој се идентификува со обидите на различни начини „да се заобиколат или избегнат одредени правила, прописи или закони“ за кои луѓето мислат дека „им го комплицираат или отежнуваат животот“.
Еден таков пример во последно време е исклучително популарен кај возачите на патнички моторни возила, кои управувајќи го своето возило направиле сообраќаен прекршок за кој добиле правосилна пресуда за привремена забрана на управување со возилото.
Па, така, возачите што имаат активна забрана за управување со моторно возило и на кои им е одземена возачката дозвола се обидуваат да најдат разни „финти“ со кои ќе продолжат да возат иако во моментот немаат возачка дозвола. „Нова Македонија“ одлучи да го истражи овој феномен кај возачите и да утврди за што точно станува збор.

СЀ ПОГОЛЕМ БРОЈ СЛУЧАИ

Феноменот на успешно наоѓање начини за заобиколување на законот, во случајов Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, откако полицијата почна поинтензивно да ги контролира патиштата низ земјава, станува сѐ попопуларен помеѓу возачите.
Со законот јасно се утврдува дека доколку некому полицијата му ја одземе возачката дозвола или, пак, му стави активна забрана во одреден временски период за управување со моторно возило, возачот никако не смее да седне зад воланот. Сепак, во нашата земја, некои од возачите се доста креативни, па наоѓаат инвентивни начини за да продолжат да возат, иако имаат активна забрана во времетраење од три, шест и повеќе месеци.
Станува збор за шема во која, кога ќе добијат активна забрана, возачите ја пријавуваат возачката како изгубена во „Службен весник“. Тоа го прават за да не може полицијата да види дека имаат активна забрана. Потоа одат на шалтерите на МВР, каде што поднесуваат барање да извадат нова возачка дозвола и на тој начин продолжуваат да управуваат со моторно возило и покрај активната забрана.
Тие, всушност, одат на среќа и се надеваат дека доколку ги застане полиција, нема да им ги провери возачката дозвола и нивните податоци во системот, па ќе поминат неказнето.
Но плановите не им се остваруваат секогаш, па полицијата успева да ги фати и овие манипулатори.

ГОЛЕМИ КАЗНИ ЗА ВАКВИТЕ МАНИПУЛАЦИИ

Само во периодот од јануари до септември годинава, полицијата успеала да открие и да санкционира 624 возачи што управувале со возило за време на изречена прекршочна санкција за управување со моторно возило.
– Во согласност со членот 341 став 1, алинеја 3 и 4, полицискиот службеник на самото место привремено ќе го исклучи од сообраќај возачот кога ќе утврди дека му е изречена прекршочна санкција престанок на важење на возачка дозвола и забрана за управување со моторно возило, а забраната не е запишана во возачката дозвола, односно во возачката книшка; или кога не поседува возачка дозвола, односно нема возачка дозвола од определена категорија или управува со возило во време кога е во сила прекршочната санкција забрана на управување со моторно возило. Исто така, според ставот 5 од истиот член, полицискиот службеник е должен да постапи доколку констатира дека возачка дозвола не се води во евиденцијата на Министерството за внатрешни работи според местото на одземање, така што во тој случај возачката дозвола се доставува до местото каде што се води во евиденцијата – велат од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму додаваат дека со членот 342 се нормирани санкциите по основа на спротивно постапување во согласност со претходниот член (341).
– Притоа, во ставот 1 од членот 342 јасно е нотирано дека „возачот кому му е запишана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило во возачката дозвола, односно во возачката книшка, во согласност со членот 391 од овој закон, возачот кому е одземена возачката дозвола во согласност со членот 340 ставови (1) и (3) од овој закон, возачот на кого му е одземена возачката дозвола привремено на самото место во согласност со членот 341 од овој закон, не смее во сообраќајот на пат да управува со моторно возило за време на траењето на забраната, односно во времето за кое му е одземена возачката дозвола“.
Така, на правно лице што ќе постапи спротивно на одредбите од членот 342, став 1, може да му се одреди, односно изрече глоба (во зависност од големината на правното лице) во висина од 100 до 10.000 евра во денарска противвредност. Потоа, во согласност со ставот 4 од истиот член „глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот што постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило од шест месеци до една година, под услови и постапка утврдени со закон“ – информираат оттаму.