Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска, пред европските социјалисти, собрани на конгресот на ПЕС во Берлин, повика на проширување на Европската унија, изјавувајќи дека на тој начин ЕУ ќе може да има поголемо влијание врз глобалните прашања.
Откако ја презеде функцијата канцелар Шолц за едно од основните прашања на својата надворешно-политичка агенда го постави прашањето за проширувањето на Европската унија со Западен Балкан и со други земји. Ова прашање стана ургентно поради руската инвазија на Украина, која стана кандидат за членство во ЕУ на почетокот на летово.
-Европската унија со 27, 30, 36 земји, тогаш со повеќе од 500 милиони слободни и еднакви граѓани, може да има уште поголема тежина во светот – рече Шолц на Конгресот на Партијата на европските социјалисти во Берлин.
Во моментов Унијата има 27 земји-членки.
-Јас сум посветен на проширувањето на ЕУ. Тоа дека Унијата ќе продолжи да се шири кон исток е ситуација во која сите ние добиваме – рече Шолц пред европските социјалисти во Берлин.