Во 105 објекти не се обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија, информираат од ЕСМ-Снабдување со топлина.
-Апелираме до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона. Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија. Во моментов во околу 105 објекти (што претставува околу 3,7% од вкупниот број на мерни места) сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешната грејна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици – информираат од ЕСМ.
Со цел испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено и навремено, оттаму апелираат до потрошувачите, управителите, односно Заедниците на сопственици, да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи, за да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација). Одржувањето на внатрешната грејна инсталација согласно важечките законски и подзаконски акти е одговорност на потрошувачите.
-Ги повикуваме потрошувачите, пред да пријават дефект или рекламација во Центрот за грижа на потрошувачи, да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот затворени објекти кај кои не се испорачува топлинска енергија. Доколку објектот за кој бараат информација не е на списокот на затворени објекти, потрошувачите може да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи за да биде евидентиран нивниот објект. За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви – велат од ЕСМ.
За потрошувачите на ЕСМ Снабдување со топлина на подрачјето на дел од градот Скопје и тоа: Општина Аеродром, дел од Општина Гази Баба, Општина Ѓорче Петров, Општина Карпош, Општина Кисела Вода, Општина Центар и Општина Чаир.
Центар за грижа на потрошувачи (24/7): 02 3076 200 и 075 400 100
За потрошувачите на Енергетика – Оддел за топлинска енергија на подрачјето на дел од градот Скопје и тоа: дел од Општина Гази Баба
Дефекти и протекување (24/7): 071 313 405
Центар за грижа на корисници (пон-петок,07.00–19.00): 02 3104 816
Рекламации за квалитет на греење (пон-петок, 07.00-19.00): 02 3104 872