Американската Национална воздушно-вселенска администрација – НАСА потврди дека успешно го сменила движењето на астероидот Диморфос. Ова е прва успешна мисија во која луѓето го смениле движењето на небесен објект во Вселената.
Според НАСА, намерниот судир се случил во „клучен миг“ за човекот.
На 26 септември, вселенското летало на НАСА намерно удри во астероидот во обид да ја смени неговата траекторија. Тестот за пренасочување на двојниот астероид (проектот насловен „ДАРТ“) беше прва пробна мисија од ваков вид.
Инаку, нема „познати закани од астероиди на Земјата“, според НАСА, што и нагласи дека мисијата е само тест. Анализата на податоците покажала дека патеката на Диморфос околу неговиот поголем „родител-астероид“ Дидимос, била изменета за 32 минути (дел од степенот на ротација), што го прави тестот успешен.
– Првпат досега, човештвото ја промени орбитата на планетарно тело – изјави научничката на НАСА Лори Глејз.
Администраторот на НАСА, Бил Нелсон пак, во соопштението рече дека „сите ние имаме одговорност“ да ја заштитиме нашата планета.
– Оваа мисија покажува дека НАСА се обидува да биде подготвена за што и да „ни фрли“ универзумот… Ова е клучен миг за планетарната одбрана и на целото човештво – нагласи Нелсон.
НАСА ја основа Канцеларијата за координација за планетарна одбрана (КОПО) во 2016 година, заради рано откривање закани од тн. „објект близу Земјата“ (НЕО) со големина доволно голема – почнувајќи од околу 30 до 50 метри, да ја оштети површината на Земјата и заради следење на нивните патеки. Астрономите во мигов не знаат за НЕО кое би можело да ја загрози Земјата, но ударот на астероидот што пред околу 66 милиони години оставил огромен кратер на полуостровот Јукатан во Мексико, според научните претпоставки, довел до исчезнување на диносаурусите.