Најмалку 57 ученици се отруени со непозната супстанца во средно училиште во јужната мексиканска држава Чиапас, соопштија локалните власти.
Според мексиканските медиуми, ова е трето масовно труење во училиште во Чиапас во изминатите две недели, што предизвика страв и гнев кај учениците и нивните родители.
Мексиканскиот институт за социјално осигурување соопшти дека 57 тинејџери од училиште во државата Чиапас биле примени во локална болница со симптоми на труење.
-Еден од учениците е во „деликатна“ состојба и е префрлен во болница во главниот град на државата, додека состојбата на другите е стабилна – се наведува во соопштението на Институтот.
Властите одбија да шпекулираат што го предизвикало труењето, но локалните новински агенции соопштија дека некои родители верувале дека учениците дошле во контакт со загадена вода или храна. Откако во локалните медиуми и социјалните мрежи се појавија информации дека некои ученици биле позитивни на кокаин во крвта, обвинителството соопшти дека направило 15 токсиколошки тестови, од кои сите покажале негативни резултати за присуство на забранети супстанции.
Канцеларијата на државниот обвинител соопшти дека ќе продолжи да ги тестира учениците, но не одговори на прашањата за претходните случаи на труење во Чиапас.