Денешниот ден е празник на наставниците и светот им оддава почит првенствено за тоа што донеле одлука да се занимаваат со најблагородната меѓу сите дејности, и да им помагаат на индивидуите во развојот и во остварувањето на личниот интелектуален потенцијал, а со тоа да овозможуваат светот не само нормално да функционира, туку да напредува и да се модернизира. Драги наставници, вие сте најважната алка во едукацијата на децата, затоа што непосредно го пренесувате знаењето кое младите треба да го стекнат, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири, при денешната посета во ОУ „Киро Глигоров“ – Скопје.
Шаќири по повод Меѓународниот празник, на наставниците им упати честитки, додека на најдобриte што изминатата учебна година се истакнале со својата работа им додели плакети.
Порача дека мотивираноста на кадарот во образовниот процес е една од приоритетите на МОН и Владата.
Истакна дека извесен период се спроведува план кој има за цел унапредување на квалитетот на образовниот систем во Македонија и дека во него е опфатен и наставниот кадар, односно нивниот постојан раст на личните примања, континуирана обука и подобри услови за работа и настава.
Потсети дека заложбата и поддршката на Владата е особено видлива преку зголемувањето на платите на наставниците и инвестициите во изминатиот период.
– Чест ми е да потсетам дека актуелната Влада ги зголеми платите на просветните работници за над 36%, односно по 5% во 2018 и 2019 година, 10% во 2020 година и од септември месец годинава имаме зголемување за 15%, за што блок дотациите кон општините пораснаа за околу 480 милиони денари. Преку инвестирање во училишната инфраструктура и во опрема, се подобруваат и условите во кои наставниците работат и реализираат настава. Преку Бирото за развој на образованието пак, а често и со поддршка на домашни и меѓународни партнери, се организираат и обуки преку кои наставниците ги прошируваат своите знаења и вештини во разни области, што им користи во исполнување на мисијата на просветителството – подвлече министерот.
Изрази задоволство што наставниците изминатиот период покажаа проактивност и во креирањето на образовните политики.