Трибунот Толстој (4)

Антиупатства за лична употреба

Ако се следи пак како, по неговата прва париска посета, тече заемниот однос со Тургењев, кој вообичаено патува низ Европа, ќе се види дека (барем на далечина) си недостигаат. „Ако го цените моето пријателство кон Вас, напишете ми колку можете поискрено што правите. На што мислите? Зошто останавте? Тие прашања ме измачуваат…“, пишува Толстој од својата Јасна Полјана. Во 1860-та, поради несогласување со уредувачката политика на „Современик“, односно со тврдата политичка линија во статиите на Чернишевски и на Доброљубов (поткрепена од уредничката политика на Њекрасов), и Тургењев и Толстој се откажуваат од понатамошна соработка во списанието.

Конечно, во пролетта 1861-та, Тургењев се враќа во Русија, набргу се наоѓа со Лев и заедно одат во посета кај нивниот близок пријател, поетот Афанасиј Фет. Првиот ден им минува во живо дружење и разговори, но следното утро… според записот на Фет, за време на појадокот, Толстој, онака попатно, го потпраша Тургењев дали е задоволен од воспитанието на ќерка му Полина, која инаку растеше во Париз, под закрила на семејството Вијардо. Тургењев ја пофалил Полина дека ги крпи износените облеки на сиромасите за потоа да им ги врати така „поправени“, на што Толстој реагирал дека ја смета за театрална сцената во која едно наконтено момиче крпи нечисти партали. Доаѓа до остра кавга по која и обајцата, пред очите на вчудовидениот Фет, лути заминуваат од неговиот имот.
Оваа кавга ги раздели цели седумнаесет години.

Временски оддалеку се чини дека Лав Николаевич е оној што ги провоцирал расправиите, но треба да се каже, иако биографите ја афирмираат неговата благородност, дека Иван Сергеевич Тургењев не бил баш толку попустлив. Неговите француски пријатели Мериме, Зола, Санд, Мопасан, особено Флобер со кого го врзувало доживотно пријателство, ги истакнувале неговата добронамерност, обѕирност и љубезност, но неговиот однос со сонародниците, не само со Толстој, е мошне попроменлив: со Некрасов со кого го врзувало долга, блиска соработка, со кој додека заеднички го уредувале „Современик“ бил речиси нераздвоен, токму поради несогласување околу списанието ги замрзнува средбите, за, по години, да го посети во болница, на претсмртната постела, за што пишува во песната во проза „Последната средба“: „Некогаш бевме интимни, блиски пријатели… Но настапи лош миг – и ние се разделивме како врази… Ми се пристори дека меѓу нас стои висока, тивка, бела жена… никаде не гледаат нејзините длабоки, бледи очи; ништо не зборат нејзините бледи, строги усни… Таа жена ги соедини нашите раце… Таа засекогаш нѐ помири…

Да… смртта нѐ помири…“. Со Гончаров, по години меѓусебно уважување и дружење, се случува остар прекин (што исто така трае со години), кога авторот на „Обломов“ го обвинува Тургењев дека во романот „Благородничко гнездо“ украл сцени од неговиот необјавен ракопис. Познати се навредите на Тургењев кон романите на Достоевски од кои се шири „киселкаст мирис и болничка смрдеа“, а авторот на „Злосторство и казна“ го споредува со „мозолче на носот на литературата“. Ни Достоевски не му останува должен – по објавата на романот „Чад“ саркастично го советува Тургењев, кој подолго живее во Франција, да си купи телескоп, „инаку воопшто не може да ја види Русија“.

Понекогаш Тургењев имал груби истапи и со жените – на Сара Бернар ѝ кажал дека го потсетува на желка, а Полина Вијардо, чиј доживотен љубовник бил, еднаш кога се налутил, ја гаѓал со мастилница.

Така, се чини, и неговите амплитуди во односот со Лав Николаевич беа поттикнати од обете страни. Кога, пак, по многугодишниот молк доби писмо од Толстој дека би сакал да го посети, веднаш радосно ја прифати поканата да дојде во Јасна Полјана.

(продолжува)