Изложба на фотографии и промоцијата на фотомонографија со текст на Ферид Мухиќ како и аудио-визуелна снимка, ќе бидат отворени вечерва во Македонска академија на науки и уметностите – МАНУ од 19 часот.

„Копнежот по светлината“ претставува мулти медиски проект инспириран од универзалниот стремеж на човекот да излезе од темнината за да стаса до светлината; темнината на осаменоста да ја замени со светлината на пријателството, од мрачниот глиб на омразата да се вивне до светлите полиња на љубовта, црнилата на чемреење и безнадежноста да ги остави зад себе, воден од сонот за светлината на радоста и слободата. Оти токму како што, според библискиот мотив, мрачните бездни на примордијалната Празнина станале Светот дури откако биднала Светлината: „Биди! И бидна светлината!“ – така и беспомошното слепо суштество станало Човекот дури откако светлината на знаењето, доблеста и вербата блеснале во неговиот дух и ја осветлила неговата душа.

Вечната одисеја поттикната од копежот по светлината, како најдлобок мотив на целата историја на човештвото и животот на секој човек, авторите Боро Рудиќ – мајстор на уметничка фотографија и академикот Ферид Мухиќ, со артистички виртуoзитет ја сублимирале во оригинално уметничко дело, реализирано во симултана синергија на визуелни, поетски и музички медиуми, во текстуалниот дел презентирано билингвално, на македонски и босански јазик.