ФУДБАЛ
Белингам (19), кој веќе одигра 18 меча за Англија, е тинејџерот што одиграл најмногу мечеви во првите пет европски лиги. „Тренерите ме фрлија во најдлабокото и ми дадоа шанса да учам. Имав квалитети за кои не знаев дека ги имам. Чувствувам дека многу аспекти од мојата игра се подобрија, дефанзивно, офанзивно, како лидер на теренот и надвор од него“, вели Белингам
Во интересен и драматичен меч во последното коло во Лигата на нациите (ЛН), Англија ремизира со Германија, 3-3, а за најдобар фудбалер на натпреварот беше прогласен 19-годишниот Џуд Белингам, играчот од средниот ред на Борусија Дортмунд. Белингам веќе е стандарден англиски репрезентативец и го сметаат за најголем „талент на својата генерација“. Мечот против Германија беше 18-ти за него за Англија. Откако ѝ се приклучи на Борусија Дортмунд од Бирмингем во 2020 година за сума што може да надмине 30 милиони евра, тој е тинејџерот што одиграл најмногу мечеви во првите пет европски лиги. Статистиките покажуваат дека тој е при врвот на листите кога станува збор за инволвираноста во одбранбените и во напаѓачките акции.
Белингам за првиот тим на неговиот роден клуб Бирмингем одигра само една сезона, во дивизијата Чемпионшип. Тој стана најмладиот играч во клупската историја, на 16 години и 38 дена, и играше на 41 од 46-те натпревари. За него се заинтересираа некои врвни клубови, бидејќи беше јасно дека е предобар за англискиот второлигаш. Луѓето дури се смееја кога Бирмингем го „пензионира“ неговиот дрес со бројот 22 откако замина во Дортмунд.
– Тој многу добро се адаптира во Германија, но не беше негова одлука да замине. Не сакаше да го напушти Бирмингем, дури и плачеше. Пеп Клоте, кој беше менаџер во Бирмингем, ми испрати порака велејќи дека овој 16-годишен играч, кој штотуку дебитира, ќе биде еден од најдобрите играчи во светот – вели Гијам Балаге, новинарски експерт за европски фудбал, за „Би-би-си“.
Белингам веднаш влезе меѓу 11-те најдобри во Борусија кога пристигна во 2020 година и остана таму. Тој постигна гол на дебито во Бундес-лигата во Дисбург и играше на 29 од 34-те натпревари, или на 46 натпревари во сезоната што заврши со настапот за Англија на Европското првенство (ЕП) лани.
Пред натпреварот Борусија Дортмунд – Манчестер сити во Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава, на кој постигна гол, рече: „Мислам дека сево ова помалку е изненадување. Не помислував дека ќе имам толкаво влијание, мислев дека ќе треба да чекам подолго. Тренерите ме фрлија во најдлабокото и ми дадоа шанса да учам. Имав квалитети за кои не знаев дека ги имам, сѐ зависи од нив. Чувствувам дека многу аспекти од мојата игра се подобрија, дефанзивно, офанзивно, како лидер на теренот и надвор од него“.
Германскиот фудбалски новинар Рафаел Хонигштајн за „Би-би-си“ вели дека Белингам е доминантен и оти Борусија многу зависи од него, што ретко се среќава кога станува збор за фудбалер што има само 19 години.
– Тој секогаш сакаше да седи во соблекувалната покрај луѓето од кои најмногу ќе научи, наместо да оди по полесниот пат и да седи покрај другите млади играчи. Ќе видите многу деца со сличен талент, но само играчите што се грижат за себе и се професионални ќе можат да го прават она што го прави Белингам – вели Хонигштајн.
Белингам е импресивен на двата краја од теренот. Тој направи повеќе прекини (78) и ја освои топката повеќепати (363) од кој било друг тинејџер во петте најдобри лиги во Европа. Тој, исто така, е високорангиран и во нападот. Со 11-те асистенции е втор, зад офанзивниот играч за врска на Баер, Флоријан Вирц. Според головите и асистенциите (вкупно15) пред него се само четворица тинејџери. Во создадените шанси (58), поуспешни се само Вирц, Адил Аучиче од Лориен, кој играше за ПСЖ и за Сент Етјен, и Педри од Барселона.
Што е следно за Белингам? Борусија е како подвижна лента за талентирани млади играчи, кои потоа си заминуваат. Во 2017 година, Осман Дембеле замина во Барселона, во 2019-та Кристијан Пулишиќ му се приклучи на Челси, лани Џејдон Санчо замина во Манчестер јунајтед, а летово Ерлинг Холанд се пресели во Манчестер сити.
– Тој може да игра во кој било систем и во кој било тим, а системот на игра ќе се менува според него. Тој е играч од типот „од својот до противничкиот шеснаесетник“, му се допаѓа и физичкиот предизвик и нема загриженост дали ќе се вклопи во Премиер-лигата – рече Хонигштајн. Л.Д.