В среда е закажан Економски совет во широк формат, кој се обидовме да биде продуктивен и конструктивен за време на корона кризата. За жал, опозицијата таа шанса за покажување на дело грижа и совесност не ги покажа, напротив не се одважи да дојде па започна со блокада, па активна блокада на Собранието. Граѓаните знаат дека јавно веќе скоро три години ги повикувам на соработка и одговорност, со цел справување со кризата, објави на својот фејсбук профил вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Еве, посочува Битиќи, повторно, вратите се отворени, решенијата секогаш се наоѓаат на маса на која сите седиме заедно.
– Нема потреба од разговор во четири очи, зад затворени врати. Комплексноста на оваа криза од нас бара да се кренеме над себе, бидејќи солидарност, одговорност и колективна мудрост е она што ќе не изнесе низ неа – напиша Битиќи.
Објавата на Битиќи на неговиот фејсбук-профил следува по објавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на Фејсбук го покани вицепремиерот за економски прашања утре да дојде на состанок во 12 часот во седиштето на неговата партија, со цел, како што вели, детално да му го објасни неговиот планот и концептот, кои „ќе значат закрепнување на економијата и помош на бизнисот“.