Рускиот претседател Владимир Путин синоќа ги потпиша указите за признавање на регионите Херсон и Запорожје како независни територии.
– Во согласност со општо прифатените принципи и норми на меѓународното право, признавајќи го и потврдувајќи го принципот на еднаквост и самоопределување на народите, содржани во Повелбата на Обединетите нации, земајќи ја предвид волјата на народот на регионот Херсон во референдумот одржан на 27 септември 2022 година одлучувам: Да се признае суверенитетот и независноста на областа Херсон – се наведува во документот што Путин го потпиша.
Вториот декрет, со истата содржина, зборува за признавање на суверенитетот и независноста на регионот Запорожје.
Американскиот претседател Џо Бајден синоќа вети дека САД никогаш нема да ги признаат руските територијални претензии кон Украина, бидејќи Вашингтон подготвува нова рунда санкции против Русија откако таа анектира нова украинска територија.
Зборувајќи пред лидерите на островските земји на Тихиот Океан, Бајден ги осуди референдумите што ги одржаа проруските сили во областите на Украина и оценувајќи ги како „апсолутна измама“, додавајќи дека „резултатите се измислени во Москва“.
САД соработуваат со сојузниците на санкциите што треба да се воведат откако Русија ќе ги анектира новите украински области.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе ја официјализира анексијата на 15 отсто од украинската територија и ќе претседава со церемонијата на потпишување на договорот за припојување на четирите украински региони кон Русија.
Одговорот на САД се очекува многу скоро.
– Сакам да бидам многу јасен за ова, САД никогаш, никогаш, никогаш нема да ги признаат руските претензии за украинската суверена територија – рече Бајден.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека резултатите од референдумот за пристапување на окупираните региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје кон Русија „не ја одразуваат волјата на народот на Украина“.
– Русија протера голем дел од населението од областите што ги окупираше, притоа принудувајќи ги граѓаните на Украина кои останаа да гласаат под закана со оружје во страв за својата безбедност и безбедноста на своите најблиски – рече тој.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски ги повика припадниците на малцинствата низ Русија да се спротивстават на обидите за мобилизација, порачувајќи им дека не мора да загинат во „срамната војна“.
Зеленски го изјави ова во видео порака пред церемонијата денеска во Кремљ што ќе го одбележи припојувањето на четири украински региони под руска окупација кон Русија.
„Не мора да умрете во Украина. Вашите синови не мора да умираат во Украина“, рече Зеленски, стоејќи до споменикот во Киев на имамот од Кавказ.
Тој рече дека Русија е изолирана поради војната што ја сака само претседателот Владимир Путин, кој „нема да запре“ на првиот бран на мобилизација.
– Ќе има повеќе. Ќе се обидат да одземат повеќе животи… никој не мора да учествува во срамната војна – рече Зеленски.
Во воените контингенти кои беа испратени во Украина се претежно припадници на малцинствата, главно од кавкаскиот регион на југот на Русија и од Сибир, а во некои сиромашни делови на земјата имаше протести против масовната мобилизација.
Над 100 лица беа уапсени во протестите што избувнаа во Дагестан минатата недела.