Вчера пензиските друштва повторно организираа еколошка акција, овој пат во средното училиште „Перо Наков“, каде создадоа уште еден „Пензиски парк“ во рамки на кампањата „Засади желба за поубава иднина“. Со еколошките активности на оваа кампања досега се засадени 120 садници во 8 училишта низ државата.
Акциите се состојат од чистење на училишниот двор, подготовка на почвата и садење на 15 средно созреани листопадни садници, по што претставниците на пензиските друштва на учениците им ја предаваат одговорноста да се грижат за нивниот парк како симбол за активниот удел кој тие го имаат во планирање на сопствениот живот и иднина.
Од Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје објаснуваат дека сакаат да ја истакнат паралелата помеѓу долгорочните ефекти од садењето на дрвја и грижата која е потребна да им се посвети за да пораснат и да ја оплеменат животната средина, со долгорочноста на штедењето за пензија кое започнува од првото вработување и трае до зрели години. Тие велат дека грижата за дел од таа заштеда е токму нивна и трае со децении, но апелираат дека исто така е потребно и сите како индивидуи да се погрижиме да ја формираме таа заштеда.
„Пензиските системи на развиените земји и на многу земји во развој, каква што е и Македонија, се соочуваат со тројната закана од растечка долговечност на населението, паѓање на стапката на раѓања и буџетски минуси. Според една анализа на Global Findex, која обезбедува податоци на индивидуално ниво за употреба на финансиски производи во повеќе од 140 земји, само околу една четвртина од возрасните на глобално ниво штедат за старост. Мерките за зголемување на довербата во финансискиот систем, како и мерките за стимулирање на штедењето за старост, со даночни бенефиции или директни дополнителни уплати од државен буџет на доброволните пензиски сметки на граѓаните насекаде во светот се покажаа како исклучително корисна мерка и силно влијаат на зголемување на интересот на јавноста за подобрување на своите идни пензиски примања.
Затоа сме тука денес, да ви укажеме на вас најмладите дека треба навремено да размислувате еден дел од своите идни примања да ги намените за долгорочно штедење за стари години. Како што овие дрвја вистински ќе придонесат за почист воздух после 20 години, така и пензиската заштеда треба постепено, долгорочно со децении да се формира.“ – истакна во обраќањето кон учениците Зоран Габеданов, Раководител на сектор за маркетинг и грижа за членство во Сава пензиско друштво а.д. Скопје.
Со благодарност до директорите на училиштата, учениците, како и до целата јавност за поддршката во остварувањето на целта да се едуцираат младите за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд преку информативни, едукативни и еколошки активности, од пензиските друштва велат дека ќе се потрудат ваквите кампањи и акции да станат традиција.
Пред акцијата за садење свое обраќање имаше и директорката на училиштето, Мила Жибак Димковска.
„Како директор на СОУ„ Перо Наков“, сакам да ја искажам мојата благодарност до организаторите на овој настан, кои денес нѐ удостоија со своето присуство, но и со својата мисија, нашето училиште да биде дел од еден проект, дел од еден убав настан, кој се надевам ќе прерасне во традиција. „Засади желба, за поубава иднина“ е мотото кое ќе го одбележи овој ден, парола која ќе допре до сите нас. Денес, повеќе од кога и да е, е потребно да ја заштитиме природата за да можеме да дишеме чист воздух, да пиеме чиста вода, да јадеме здрава храна. Да ја заштиме природата не само денес, заради нас, туку и за идните генерации, за нашите деца да живеат безгржен и здрав живот. Повеќе не е тајна дека живееме во ера на големи еколошки проблеми и во најголем број случаи самите ние сме виновни за тоа. Проблемот на екологијата е еден од глобалните проблеми на човештвото. Загадувањето на природата е секојдневие, актуелна тема на новото време. Токму затоа, секој од нас треба да даде свој придонес за зачувување на природата, затоа што помагајќи ѝ на природата, си помагаме на себеси. Секоја промена треба да започне од нас. Нека тој момент биде денес, затоа што утре е веќе доцна. Нашиот град е убав, но може да биде уште поубав, ако го сакаме, почитуваме и чуваме. Да ги разубавиме парковите, училишните дворови, со дрвја, со зеленило, кое ќе останат на генарациите кои доаѓаат. Нека нашите желби растат заедно со засадените дрвја“, изјави таа.
Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба, за поубава иднина“ се достапни на веб страната www.penzija.mk
(Комерцијална објава)