Руската безбедносна служба ФСБ ја истражува штетата врз гасоводите „Северен поток“ под Балтичкото Море како „меѓународен тероризам“, јавија руските медиуми повикувајќи се на изјава од канцеларијата на јавниот обвинител.
-Истекувањето од гасоводот огромни количини природен гас преку дното на Балтичкото Море може да емитува загадување еднакво на една третина од вкупните годишни емисии на стакленички гасови во Данска – предупреди денеска шефот на данската агенција за енергетика, Кристофер Боцау.
Тој изјави дека истекувањето гас од цевководите Северен поток 1 и 2 изнесува приближно 32 отсто од годишните емисии на јаглерод диоксид во Данска. Емисиите на јаглерод диоксид во Данска во 2020 година се проценуваат на 45 милиони тони.
-Се додека има гас во гасоводот, опасно е да се биде таму – рече Боцау, но не кажа кога ќе може да се увиди состојбата на цевките, за кои рече дека се направени од челик со дебелина од 12 сантиметри и обвиткани во бетон.
Цевководите лежат релативно плитко на морското дно, на длабочина од 70 до 90 метри.