Кремљ е навистина загрижен поради забележаните истекувања на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, оценувајќи дека не треба да биде исклучена ниту една претпоставка, вклучително и саботажа.
– Ние навистина сме загрижени поради вестите – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
На прашањето дали е можно да се работи за саботажа, тој одговори дека не може да биде исклучена ниту една опција.
Шведските власти денеска соопштија дека се издадени предупредувања поради два случаја на истекување на гасоводот „Северен тек 1“ во шведските и данските води, еден ден откако беше пријавено истекување од „Северен тек 2“. Во моментот и двата гасовода не се во функција, но во цевките има гас.
Од Европската комисија не сакаат да ги коментираат можните причини за истекувањата на гас од „Северен тек“, уверувајќи дека снабдувањето е безбедно за Европа, јави дописничката на МИА од Брисел.
На денешниот редовен брифинг за новинари портпаролите на ЕК порачаа дека се информирани за инцидентот со трите истекувања на гас од „Северен тек“ во близина на Данска и се во постојан контакт со засегнатите земји членки.
– Во моментов нема последици врз сигурноста на снабдување, затоа што испораките од Северен поток еден се на нула, а Северен поток два нема дозвола за сега – изјави портпаролот за енергетика, Тим Мекфи.
ЕК исто така ги следи последиците врз загадувањето на воздухот и климатските промени бидејќи истекот на метан може негативно да влијае врз нив.
Во меѓувреме Данска прогласи забрана за навигација околу местото на инцидентот.
Но, од ЕК не се шпекулира за можните причини, од кои една може да биде саботажа од руска страна, нешто што не го исклучи данската Влада.
– Не шпекулираме дали е саботажа или не, немаме елементи да одредиме која е причината за истекувањето, но се разбира дека доколку е саботажа, секој акт на саботажа врз инфраструктура ќе биде осуден – изјави главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер.