Фото: М.М.

Наскоро 27 ромски семејства од населбата Баир ќе можат да ги реновираат своите домови.

Таквите услови се стекнаа за оние домакинстав кои во рамките на проектот „Баир – Здружена акција на Битола за вклучување на Роми”, по легализацијата на своите објекти се стекнаа со имотни листови.

Деновиве локалната самоуправа објави јавен повик за поднесување апликации за реновирање на домакинства на ромското население во населбата Баир.

Целта на овој повик е да се реновираат домакинствата на 27 ромски семејства, чии што објекти имаат имотен лист.

Во своето обракање, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека во општината сеуште постојат нерешени проблеми, поврзани со урбанизацијата, а со тоа и обезбедувањето на соодветна подземна и патна инфраструктура, што значително ги отежнува условите на граѓаните кои живеат во таквите места.

Токму затоа, општината веќе работи на донесување на нов ГУП за општина Битола, чија подготовка неодамна започна и на забрзување на процесот на легализација. Преку овој процес на легализација 17 ромски семејства, добија имотен лист за објектите во кои живеат во рамките на проектот Баир.

-Денес, со објавувањето на „Повикот за апликации за реновирање на домакинства на ромското население во населба Баир”, заедно со нашите партнерски организации, започнуваме еден нов процес во рамките на споменатиот проект, со кој 27 ромски домакинства ќе имаат можност да извршат поставување на ПВЦ дограма, обновување на фасадите, или санација на кровната конструкција. Верувам дека, со искористувањето на средствата од овој фонд, ке се создадат похумани и подостоинствени услови за живот. Најважен критериум од кој не смее да се отстапува во повикот е избраните домаќинства да се легализирани и дел од ДУП, со цел и инвестираните средства да имаат одржлив ефект. Токму затоа и легализацијата е процес на кој интензивно се работи во целиот овој период. Со проектот „Баир”, опфативме и реконструкција на улиците „Струшка” и „Сутјеска”, со вредност од 5.623.157 денари, а партнерската соработка овозможува и реализација на социјалната и инклузивна компонента, преку спроведување на активности кои поттикнуваат развој и поддршка на културни и спортски иницијативи и кампањи за подигнување на јавната свест кај ромското население за релевантни теми од секојдневното живеење – посочи Коњановски.

Според надлежните, во целиот овој процес, најважна е партиципативноста на населението, затоа што неговото учество, овозможува и точно идентификување на потребите при реализацијата на проектите.

-Ова е една од носечките активности и има за цел бенефитите од проектните средства граѓаните Роми директно да ги почувствуваат во своите домови. Предвидува три типа интервенции од поставување на ПВЦ дограма, обнова на фасада и реконструкција покривот. Граѓаните ќе имаат можност од денес, па секој работен ден заклучно со 7 октомври до 14 часот да аплицираат. Доколку се јави недоволен број апликанти повикот ќе биде продолжен – рече Климентина Ѓоргиоска, проектен менаџер.

Инаку, проектот „Баир – здружена акција на Битола за вклучување на Роми” е финансиран од Европска Унија преку инструментот за претпристапна помош ИПА 2, ЕУ за Ромите и луѓето кои живеат во длабока сиромаштија.

Имплементатори на проектот се италијанската невладина организација ЦОСВ, ПРЕДА Плус Фондација и општина Битола.

M.M.