Фото: Фејсбук/ФФМ

Македонија несреќно загуби од Бугарија со 0-1 по голема борба во последниот меч од Лигата на нациите (ЛН), откако беше со фудбалер помалку на теренот во поголемиот дел од вечерашната пресметка на арената „Тодор Проески“ и пропушти неколку изгледни шанси за гол.

Домашната селекција во 14-та минута остана со десетмина на теренот откако Тодор Тодороски доби директен црвен картон по невнимателен старт врз противнички фудбалер. Селекторот Благоја Милевски и присутните македонски навивачи не беа задоволни од неколку одлуки на австрискиот судија Џулијан Вајнбергер, за кој се стекна впечаток дека можеби премногу лесно дели картони.

Но со силна поддршка од двасетина илјади гледачи и со голема борбеност, Македонија постојано се обидуваше да го загрози противничкиот гол успеа, а успеа да оствари и поголем посед на топката од 52-отсто во првото полувреме. Македонските навивачи пред почетокот на натпреварот го проследија интонирањето на бугарската химна со свирежи, додека гостите имаа поддршка од педесетина симпатизери.

Бугарскиот капитен Кирил Десподов го постигна решавачкиот погодок по контранапад во 50-та минута. Истиот фудбалер беше стрелец и во првиот дуел одигран во Разград (1-1).

Македонските фудбалери тргнаа офанзивно по израмнување во последните половина час, но гостите успеаја да се одбранат, при што противничкиот дефанзивец Тодор Антов на самата гол-линија ја го сочува бугарскиот гол по удар на Езџан Алиоски во 63-та минута. Алиоски потоа имаше уште еден опасен обид, но биеше покрај противничкиот гол. А резервистот Љупче Дориев во самата завршница влезе во изгледна прилика, но не се снајде најдобро по нафрлување во бугарскиот петерец. Милан Ристовски, претходно, беше најблиску до погодок во првото полувреме, но неговиот шут од далечина го одбрани противничкиот голман Даниел Наумов.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски остануваат во лигата Ц и во следното издание во Лигата на нациите, но и без бараж за настап на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија, откако завршија третото место во групата 4 зад Бугарија и Грузија. Во вториот вечерашен меч Грузија очекувано славеше против Гибралтар со 2-1 на гости.

Македонија во март ги почнува квалификациите за ЕП 2024. Ждрепката на групите треба да се влече на 9 октомври во Франкфурт, а „црвено-жолтите ќе бидат во петтиот барабан (од вкупно шест), што ќе биде одредено со вкупниот пласман во Лигата на нациите.