Професорот Едвард Џозеф со отворени пораки за грешката на ЕУ, на штета на Македонија, за францускиот предлог
Професорот Едвард Џозеф посочува на два момента на кои македонското општество инсистира со години. Првиот е дека одлуките што се од државен интерес мора да се носат заеднички низ еден поширок општествен консензус, а не крадешкум на мала врата и, второ, дека приоритет треба да биде градењето на Европа дома, наместо да се инсистира прво на почеток на преговори за да се почне со реформи
Впечатокот дека со францускиот предлог Македонија доби неевропски, далеку од вообичаените демократски критериуми за пристапни преговори со Европската Унија, зачинети со ултиматуми за идентитетски отстапки, продолжува да биде предмет на анализи и дискусии меѓу македонските граѓани и по два месеца од прифаќањето на овој документ од страна на актуелната власт.
Она што и натаму предизвикува повреда на чувствата на граѓаните е тоа што и покрај сите жртви што ги направи, земјава повторно не ги започна преговорите со Унијата, туку почна само скрининг-процес преку кој ќе се испитува усогласеноста на домашната легислатива со онаа на ЕУ, а во меѓувреме за да ги почне преговорите и да отвора поглавја, ќе мора да ги вметне Бугарите во македонскиот устав.
Токму на ваквите асиметрични политики и неизбалансираност на францускиот предлог на штета на Македонија предупредува и Едвард П. Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при универзитетот „Џонс Хопкинс“ од САД, а во рамките на учеството на годишната меѓународна конференција „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза“ во Скопје.
– Францускиот предлог, пак, воопшто не ја засегна предноста на Бугарија и тој го одразува тоа. Тоа исто така е грешка и на САД и на ЕУ, бидејќи создава лош преседан во Унијата. До граѓаните на земјата е да решат, дали тој го загрозува или не македонскиот идентитет. Но сакам да подвлечам дека е важно да се искористат предностите од скрининг-процесот, без оглед на Бугарија. Тој не е во интерес на Бугарија, туку на граѓаните на оваа земја. Искористете го и направете максимум во реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и други важни реформи што ќе ја придвижат земјата напред и ќе им покажат на граѓаните дека тоа е реално и е важно – порача Џозеф.
Два момента од неговата изјава се клучни и наведуваат на истото она што со години го бара македонското општество. Првиот е дека одлуките што се од државен интерес мора да се носат заеднички низ еден поширок општествен консензус, а не крадешкум на мала врата и, второ, дека приоритет треба да биде градењето на Европа дома, наместо да се инсистира прво на почеток на преговори за да се почне со реформи.
Граѓаните најдобро знаат што е добро за нив
Францускиот предлог предизвика бурни реакции во македонската јавност, кои дури и по два месеца не стивнуваат, а атмосферата дополнително ја загреа претседателот на Собранието, Талат Џафери, одбивајќи ја иницијативата за референдум поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, впуштајќи се во уставни толкувања надвор од неговите надлежности. Сега Левица најавува нова иницијатива за референдум, со очекување овој пат спикерот да се држи до неговите надлежности.
Она што е постулат во западните демократии тоа е дека народот е суверен и тој ја дава сета власт и на Собранието, и на Владата, како и на претседателот на државата. Сите тие се потчинети на суверенот, односно на народот. Затоа и Џозеф смета дека граѓаните на Македонија се тие што треба да одлучат дали нешто е лошо или добро за нивната земја, односно дали нешто го загрозува нивниот идентитет или, пак, не.
– Референдумот е масовен облик на изјаснување. Во Швајцарија се распишува референдум и за најбанални работи. Несомнено и Џозеф смета дека граѓаните треба да решат дали овој француски предлог им го загрозува идентитетот на македонските граѓани, така што на некој начин е прифатливо народот да се изјасни околу евентуалното загрозување на идентитетот, а државата во краен случај може подоцна да преземе чекори врз основа на оцената на граѓаните – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, македонскиот идентитет се потврдувал од 19 век и си има некои внатрешни елементи што не дозволуваат тој да се загрози, но секогаш треба да се биде претпазлив со деталите.
– Има елементи што и во минатото спречувале македонскиот идентитет да биде загрозен, но ако почнат да се прифаќаат некои ситни работи што сега ги наметнуваат Бугарите, не може да се исклучи дека идентитетот може да биде загрозен. Не смееме да тргуваме со тој тип историски димензии, оти никој не може да претпостави што може да биде во иднина – констатира Андревски.
Европа дома, наместо европски камшикар
Она што долги години се заговара од страна на македонското општество е да се напушти политиката на постојано инсистирање од страна на политичарите ЕУ да биде камшикарот што ќе ни ги средува проблемите дома. Чекајќи го датумот, земјава сè подлабоко почна да тоне во корупција, довербата во судството се сведе на мизерни осум отсто, здравството, образованието и екологијата го допреа дното, што резултира со масовно иселување на младите од земјава.
Тука треба да се бараат причините за втората порака што Џозеф ја упатува до македонските граѓани и до актуелните политичари, наместо да се фокусираат на уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, да го искористат скрининг-процесот за да почнат европеизација на државата.
Моменталната ситуација на теренот покажува дека Европа нема намера брзо да се шири, а претстојниот прв состанок на Европската политичка заедница на кој ќе учествува и Македонија е доволен доказ дека овој формат во еден подолг временски рок ќе биде замена за полноправното членство во Унијата. Затоа инсистирањето да се исполнуваат желбите на Софија е целосно неоправдано и непотребно, а тоа директно го кажува и Џозеф.
– Треба Македонија да си определи златна хармонија меѓу стратегиски долгорочни проблеми со кои би се соочила во следните 10-15 или 20 години и она што дневно ќе го решава, односно проблеми што се јавуваат денеска за утре или барем за шест месеци. Треба да се посвети на тие работи и да бара решенија. Кога ќе направи таков тип согледувања и кога ќе ги употреби расположливите сили дома во насока на решавање на овие краткорочни и долгорочни проблеми, тогаш мора да има некои придвижувања внатре во државата. Придвижувања во решавање на акутните економски проблеми, решавање на прашањата што се врзани за демократија, развој, група прашања што на некој начин ги допираат идентитетот, историјата, уште повеќе што се закануваат да влијаат врз иднината на државата – смета професорот Андревски.
За него препораката на Едвард Џозеф, Македонија да го искористи скрининг-процесот за забрзување на реформите и за борба со корупцијата, е добра, но дека од нас зависи дали ќе го послушаме.
– Скрининг-процесот ќе тече, но ние мора да се соочиме со проблемите за кои меѓународната заедница постојано алармира. Мора да ги лоцираме проблемите и да ги насочиме правците во кои ќе дејствуваме. Низ скрининг-процесот може само да утврдиме што не е позитивно и да бараме решенија како и тоа да го решиме – заклучува Андревски.