Подготвил: Марјан Велевски
Атина – Во два одвоени случаи, едниот во близината на островот Лерос, другиот во близината на Пелопонез, грчката крајбрежна служба во текот на завчерашниот ден спасила вкупно 134 лица, а веројатно шест се исчезнати, јави дописничката на МИА од Атина. Во морскиот дел североисточно од островот Лерос, кој се наоѓа во близината на турското крајбрежје, како што соопштија од крајбрежната служба на Грција, бил откриен гумен чамец, а патниците успеале да го напуштат и да стигнат на брегот, каде што биле идентификувани 49 лица, сите во добра здравствена состојба, и биле пренесени во центарот за прием и регистрација на островот. Според изјавите на спасените, во чамецот имало 55 лица што тргнале од Турција, а веднаш почнала спасувачка акција за пронаоѓање на исчезнатите шест лица.
Тирана – Поранешниот албански претседател, премиер и лидер на побројното крило на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, од собраниската говорница повика на генерален штрајк. Тој почна со повик до наставниците, универзитетските професори, па лекарите, а потоа и бизнисмените и студентите да излезат на протест и да почнат генерален штрајк. „Само генерален штрајк е билетот за ставање крај на владеењето на оваа корумпирана влада. На штрајк, на штрајк, само штрајк“, рече Бериша, кој повикот го упати и до сите албански граѓани. Пратениците од владејачката социјалистичка партија го обвинија за поттикнување насилство.
Подгорица – Мнозинството пратеници во црногорскиот парламент – 41, потпишаа предлог за поведување постапка за утврдување дали претседателот на Црна Гора го прекршил Уставот и го доставија до Собранието. Предлогот го потпишаа пратениците на Демократскиот фронт, Демократска Црна Гора, Обединета и вистинска Црна Гора, граѓанското движење УРА, Социјалистичката народна партија (СНП), Движењето за промени (ПзП) и ЦИВИС. Тие имаат 41 од вкупно 81 пратеник во црногорскиот парламент. Иницијативата за разрешување на претседателот дојде откако Ѓукановиќ одби да го прифати предлогот Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на новата влада и кога поднесе предлог за скратување на мандатот на Собранието.