Денешната 86-та собраниска седница не траеше ниту половина час, бидејќи сѐ уште матичните комисии ја немаат завршено работата за првите четири точки од дневниот ред, меѓу кои е и Предлог-одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија, заради недостиг на електрична енергија.
Пратеникот од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски упати критики во врска со работата на комисиите, нагласувајќи дека тие реагирале уште пред неколку месеци за сегашната ситуација и оти веќе се доцни со она што досега требало да биде сработено. Тој посочи дека кризните состојби ќе бидат изгласани, но оти до гласањето власта ќе мора да одговори на многу прашања во врска со состојбата.
Пратеникот Јован Митрески од владејачакта СДСМ реплицирајќи му на Мицевски, нагласи дека не е време за политичко спротивставување, туку дека треба да се дискутира со аргументи на темата, бидејќи доаѓа тешка зима за сите граѓани.
По првата точка, Предлог-одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, втората – Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, како и Предлогот на просторен план на Националниот парк „Пелистер“ 2016-2030 и Предлог на закон за изменување на Законот за финансиска дисциплина, ќе се расправа, откако ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за одбрана и безбедност.
На денешната седница партениците ја разгледаа петтата точка – Барање за давање на автентично толкување на член 6 ставови (2) и (5) од Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска Банка по Договорот за заем за финансирање на проектот за поврзување на локални патишта, за која немаше пријавени за збор, па претседателот на Собранието Талат Џафери побара да се гласа по предлгот дека барањето не е оправдано и оти нема потреба од автентично толкување на тој член. Од 109 присутни во салата, 61 гласаа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“.
Претседателот на Собранието на крајот посочи дека 86-тата собраниска седница најверојатно ќе продолжи во вторник, но оти тоа ќе зависи од работата на комисиите.