По повеќе од десет години, цената на дизелот на бензинските пумпи во Хрватска е повисока од цените на бензините. По најновите корекции на цените, еуросупер 95 се продава од 10,20 до 10,30 куни за литар, додека еуродизелот се продава по цена од 10,33 до 10,44 куни. Последен пат дизелот беше поскап од бензинот од август 2008 година. Тогаш, цените на горивата биле за една куна пониски од сегашните, а граѓаните на Хрватска се жалеа на високите цени и ниските плати.
Сите дизел-горива поради строгите еколошки правила и трошоци на производство од 2020 година ќе бидат поскапи. Производството на дизел-горивата сѐ повеќе се намалува, а бројот на возила на овој погон е сѐ поголемо, предупредуваат енергетските експерти.
„Нови лист“ пишува за големите промени на пазарот, а експертите проценуваат дека тоа ќе влијае на натамошно зголемување на цените на дизелот. Причината за тоа е што од 1 јануари 2020 година за бродовите за пренос на гориво ќе се воведат построги еколошки правила, така што уделот на сулфур во дизелот за бродови мора да падне од сегашната максимална граница од 3,5 проценти на најмногу половина процент.
Со оглед дека дневно се потребни околу 3,5 милиони барели од бродски дизел, рафинериите во светот нема да имаат доволен капацитет за десулфуризацијата што ќе предизвика недостиг од овој вид гориво. Овие правила се определени од Меѓународната поморска организација (ИМО) затоа што високосулфурното гориво предизвикува здравствени проблеми, но и формирање кисели дождови. Многу рафинерии што ќе бидат принудени на големи инвестиции ќе мора да ги затворат своите преработувачки капацитети, а на оние што ќе останат ќе им се зголемат трошоците.
– Сите дизел-горива ќе мора да бидат чисти, а нивното производство ќе биде поскапо од она на бензините – вели Игор Деканиќ од Рударско-геолошкиот факултет во Загреб.
Цените на нафтата, како што предвидуваат светските аналитичари, до почетокот на 2020 година би можеле да пораснат најмалку до 160 долари по барел, што ќе предизвика натамошни поскапувања на цените на производите, но и губење работни места, пренесува „Нови лист“.
Во Хрватска цената на дизелот беше повисока и во 2008 година, но доколку цените продолжат да растат, без сомнение ќе дојде и до пораст на трошоците на фармерите и намалување на обработените површини, а со тоа и до пораст на цената на храната.