Европската Унија прокоцка многу време и доверба на Западен Балкан и ако сака да победи во конкуренцијата со Русија и Кина, мора да ја оживее перспективата за членство, но на таков начин што кандидатите веднаш ќе почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ, изјави претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Михаел Рот.
Во напис за „Ди Цајт“, Рот нагласува дека Европа мора да преземе решителни чекори за да покаже дека соработката со либералните демократии е многу поатрактивна и поодржлива од соработката со авторитарните режими.
Руската агресија против Украина, според Рот, ја разбудила ЕУ од нејзиниот длабок геополитички сон и ја натерала „повторно да открие еден од нејзините најуспешни инструменти – политиката на проширување“.
Таа политика, пишува Рот, беше „мотор на мирот, демократијата, владеењето на правото и благосостојбата во Европа, а сега е време доследно да се продолжи таа успешна приказна во Источна Европа и во Западен Балкан“.
– Враќањето на војната во Европа нè натера да сфатиме дека стабилизацијата и интеграцијата на нашите источни и југоисточни соседи е во наш и, пред сè, во наш интерес. Затоа, процесот на проширување треба да се реформира – рече Рот, кој беше државен секретар во МНР на Германија од 2013 до 2021 година.
Во текстот Рот предупредува дека „во Западен Балкан беснее неумолива системска конкуренција меѓу либералната демократија и авторитарните режими на Русија и Кина“.
Поради неподготвеноста и колебливоста на ЕУ, се создаде политички и економски празен простор, како што наведува, во кој влегле други актери кои не само што ги отфрлаат вредностите и интересите на ЕУ туку и се борат против нив.
Меѓу тие актери, како што наведе, Русија поттикнува немири со цел да го дестабилизира Западен Балкан и со тоа да ја спречи понатамошната европска интеграција на регионот.
– И таму каде што ЕУ не прави доволно или го прави предоцна, Путин се нуди себеси како спасител во неволја, на пример, во снабдувањето со енергија – пишува Рот.
Целта на Кина, од друга страна, според Рот, е да го прошири своето влијание на Западен Балкан преку изградба на економски врски, особено преку големи инвестиции во инфраструктурата.
Рот во текстот пишува дека ЕУ не треба да бега од овој натпревар ако сака веродостојно да им покаже на земјите од Западен Балкан дека соработката со либералните демократии на крајот е поатрактивна и поодржлива од соработката со авторитарни режими.
– Големо мнозинство граѓани од регионот сè уште ја гледаат својата земја во иднина во ЕУ и покрај разочарувањата и неисполнетите ветувања – вели Рот.