Фото: Маја Јаневска-Илиева

Селекторот Де Џорџи е единствениот што бил дел од секоја од четирите титули на Италија на СП, а Микилето е петтиот одбојкар со златни медали на мундијалите во сите три возрасни категории

ОДБОЈКА – ПО ТРИУМФОТ НА СП 2022

Заврши 24-годишното чекање на Италија за четвртата светска титула во одбојка, откако Италијанците славеа во финалето со досегашниот планетарен шампион Полска со 3-1 (22-25, 25-21, 25-18, 25-20) во Катовице (Полска), за триумф на Светското првенство (СП). Бразил, пак, ја совлада Словенија со 3-1 и ја освои бронзата, заземајќи го своето место на подиумот шести пат по ред на мундијалите, по златата освоени во 2002, 2006 и во 2010 година и сребрата во 2014 и во 2018 година.
Репрезентацијата на Италија, која претходно беше светски првак во 1990, 1994 и во 1998 година, е и актуелен европски шампион, по триумфот на континенталното првенство лани. Италија петти пат истовремено ги има двете големи титули, откако тоа беше случај во 1990 година (победи на ЕП 1989 и на СП 1990), 1994 (ЕП 1993, СП 1994), 1995 (СП 1994, ЕП 1995) и во 1999 година (СП 1998, ЕП 1999).
Селекторот Фердинандо де Џорџи е единствениот Италијанец што бил дел од секоја од четирите титули на Италија на светските првенства, откако тој беше играч на СП во 1990, 1994 и во 1998 година. Победата на СП 2022 беше посебна и за 20-годишниот надворешен напаѓач Алесандро Микилето. Откако ја освои светската титула во категоријата до 19 години во 2019 година и таа до 21 година во минатата година, со сениорската титула тој им се придружи на мала група одбојкари, кои освоија златни медали во сите три возрасни нивоа, вклучувајќи ги и Бразилците Налберт Битенкур и Леандро Висото и Полјаците Јакуб Кочановски и Бартош Кволек, пишува Светската одбојкарска федерација на својата интернет-страница.