Новата учебна година денеска почна и за основците и средношколците во општина Пустец, област Мала Преспа, Република Албанија.
На почетокот на учебната година со учениците во Пустец беше градоначалникот Пали Колефски кој им посака среќен почеток и многу успех во совладувањето на наставните единици.
– Вам драги ученици и на вашите наставници ви посакувам среќен почеток и успешна учебна година. Посебни честитки до оние кои првпат седнуваат во ученичка клупа – посака Колефски.
За жал, рече тој во изјава за МИА, продолжува трендот на намалување на бројот на првачињата, но и на вкупниот број ученици.
– Во општината во ученичка клупа за првпат седнаа седум првачиња. Од нив по три се во Пустец и Туминец и едно во Леска. За жал, во оваа учебна година не е запишано ниту едно прваче во останатите шест населени места – изјави Колефски.
Според него на ниво на основно и средно образование настава ќе следат вкупно 109 ученици.
Од вкупниот број, 87 се ученици во основните училишта, додека 22 во гимназијата во Пустец.
Општина Пустец е наоѓа во јужниот дел на областа Мала Преспа каде на брегот на Преспанско Езеро се распослани девет населени места, населени со Македонци.