Фото: Маја Јаневска-Илиева

По многубројните јавувања на граѓани во редакцијата, екипата на нашиот весник повторно направи обиколка во неколку населени места и она што го забележавме е поразувачко. Нема прослава каде што не се употребуваат најчесто пиштоли, а поретко и автоматски пушки. Граѓаните со кои разговаравме, а кои не сакаа да ни дадат податоци, поради тоа што се плашат да не им замерат соседите што вообичаено пукаат, велат дека се плашат за своите животи

Рафалите од оружјето станаа главен белег на заедничките семејни собирања

Свадби и разни други прослави проследени со пукотници се доста честа слика во земјава. За жал, ова претставува навистина сериозен проблем за граѓаните, кои, од друга страна, и покрај тоа што сите овие пукотници од огнено оружје предизвикуваат општа опасност за нив, сепак, се плашат да пријават бидејќи не сакаат да си навлечат дополнителни проблеми. И покрај кампањите на Министерството за внатрешни работи, и покрај казните за некои од „пукачите“, населението никако да се откаже од овие примитивни навики.

КОГА ПОЧНУВА ПУКАЊЕТО – СОСЕДИТЕ СЕ ЗАСОЛНУВААТ ДОМА

Од она што екипата на „Нова Македонија“ го констатира на терен, но и од многубројните поплаки на граѓаните, се чини дека ниту една превентивна и репресивна политика не е доволна причина „пукачите“ да се откажат од примитивното славење со вадење огнено оружје и негово употребување.
Во Арачиново, Чаир, Сарај, Бутел, па и во други градови и села во земјава, пукањето на прослави станува рутина без која не може да се одбележи свечен настан.
Екипата на нашиот весник направи обиколка во неколку населени места и она што го забележавме е поразувачко. Нема прослава каде што не се употребуваат најчесто пиштоли, а поретко и автоматски пушки.
Граѓаните со кои разговаравме, а кои не сакаа да ни дадат податоци, поради тоа што се плашат да не им замерат соседите што вообичаено пукаат, велат дека се плашат за своите животи.
– Живеам во Бутел 2 и изминатиов период во нашата населба имаше доста прослави. Имам мали деца што си играат во дворот од семејната куќа, кои, за жал, секогаш кога ќе почнат соседите да пукаат, ги прибирам дома, затоа што се плашам од заскитани куршуми. Не сакам да излезе дека набедувам или измислувам информации, меѓутоа, јавна тајна е дека тука кај нас нема прослава без пукање од огнено оружје – вели нашата соговорничка.
Таа вели дека нема никаква слобода да седне со децата во двор, бидејќи пукотници има речиси секој ден во кој било период од денот.
– Не пријавувам, затоа што се плашам за мене и за моето семејство. Знаете какво време е дојдено, не сакам да пријавам затоа што може потоа да си имам проблеми со соседите. Тој што има пиштол дома, тој е подготвен и да го употреби. Навистина се плашам од реваншизам, се плашам да не ми се закачат на глава, па да имам уште поголеми проблеми. Нема друг спас, освен да трпиме – вели друг соговорник од Чаир.

ПУКАЊЕТО Е КРИВИЧНО ДЕЛО

Оружјето и пиротехничките средства не се добредојдени „гости“ на прославите – е главната порака на кампањата „Слави со срце, не со оружје“, која во изминатиот период ја спроведе Министерството за внатрешни работи во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Во рамките на активноста, полициски службеници од сите осум сектори за внатрешни работи во државата разговараа со граѓаните и им поделија едукативен печатен материјал во кој се потенцирани последиците од употребата на оружје на семејни веселби.
– Покрај репресивните мерки што ги преземаме, се разбира, работиме и превентивно за заеднички да ја елиминираме оваа несакана појава, која, за жал, е присутна со години, не само во нашата држава туку и во опкружувањето. Нашите одделенија за превенција секојдневно организираа активности на територијата на целата држава, на кои ги информиравме граѓаните за законските одредби што го санкционираат таквото однесување и казните што се изрекуваат, а особено внимание беше посветено за опасностите од употребата на оружјето по здравјето и животот. Покрај непосредните разговори и укажувања, на граѓаните им поделивме и едукативен печатен материјал, со цел да влијаеме на нивната свест – истакна Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи.
Употребата на огнено оружје се санкционира по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години. Во рамките на кампањата, на граѓаните им беше укажано дека славеничкото пукање може да биде фатално и да заврши со смртни случаи, повреди, оштетувања на имотот и други последици.
– Традиционално, оружјето се користи за славеничко пукање. Сигурна сум дека никој намерно не сака најсреќниот ден на едно семејство да го претвори во голема трагедија за друго, но тоа, всушност, може да се случи и се случувало. Оттука, навистина е многу важно сите ние не само да го кренеме гласот против славеничкото пукање туку и да преземеме акција. Да преземеме одговорност и да покажеме дека најдобриот начин да се слави е со пеење и со играње, а не со пукање – рече Сања Бојаниќ, заменичка на постојаниот претставник на УНДП.
Превентивната кампањата „Слави со срце, не со оружје“ се спроведе како дел од оперативниот план на МВР „Безбедно лето 2022“, а беше поддржана од УНДП во рамките на проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“.