Опасно би било да се прогнозира траењето или исходот на војната во Украина, а НАТО не бара конфликт со Русија, може само како досега, да ѝ помага на Украина додека тоа биде потребно за да ја зајакне својата позиција на бојното поле и во некои идни мировни преговори. Ова, денеска во Прага, го изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин.
– Опасно е да се даваат некакви прогнози за војната. Затоа наша цел е да ѝ помогнеме на Украина да ја брани својата територија. Украинското раководство тука го има најсилниот глас. Не можеме да предвидуваме колку ќе трае војната, каков ќе биде исходот. Можеме само да го правиме тоа што го правевме досега, да ја поддржиме да зајакнува на бојното поле и да има подобра позиција во преговори, истакна Остин на прес-конференција со чешката министерка за одбрана Јана Черночова.
Тој нагласи дека НАТО не бара конфликт со Русија, ниту пак сака за неа да претставува закана.
– Но, нашиот одбранбен сојуз ќе ја брани секоја педа од територијата на НАТО – подвлече Остин.
Тој додаде дека САД, заедно со сојузниците, ќе го бранат правото на Украинците да живеат во слобода и да ја градат својата иднина што Русија не може да им ја диктира.
Остин појасни дека американскиот Стејт департмент допрва ќе соопшти конкретно како ќе бидат насочени двете милијарди долари нова помош. Половина за Украина, а другото за сојузничките земји што ѝ помагаат, меѓу нив и Чешка, како петти најголем снабдувач на воена помош за Киев.
Според Черночова, задачата на чешката Влада исто така е да им објаснува на луѓето кои протестираат поради високите цени на енергијата, оти кризата избила затоа што рускиот претседател Владимир Путин ја нападнал Украина и се заканува со прекини на испораките гас.
– Во никој случај нема да се менува надворешнополитичката ориентација на нашата земја. Му се заблагодарувам на претседателот Милош Земан што има иста политика кон рускиот напад на Украина, како и Владата. Тој ја осуди агресијата и како врховен командант стои покрај Владата и помошта за Украина. Да ги цитирам неговите зборови, „со терористи не се преговара, против нив се борите – посочи чешката министерка.