Специјалните акции на надлежните органи доведоа до откривање на повеќе различни локации за тајно производство, магацини за складирање и за дистрибуирање огромни количества тутунски производи. На некои локации била откриена разгранета инфраструктура за живеење и работење на црно во тутунската индустрија. Откриени се дури и голем број градби за сместување и спиење на работниците што биле дел од организираното производство на фалсификуваните цигари

Белгија главен центар за нелегално производство и дистрибуција на цигари

Илегалното производство на цигари и шверцот со нив се еден од најголемите предизвици за сузбивање од областа на недозволеното производство и трговија, за сите власти во светот. Насекаде низ светот се организираат акции за пресекување на каналите за шверц, откривање на синџирот на илегална дистрибуција, но и производство на цигари, како и на откривање и идентификување на членовите на криминалните организации и нивно изведување пред лицето на правдата. Во споменатите акции често се запленуваат огромни количества опрема и се уништуваат фабрики каде што илегално се произведуваат цигари. Наспроти тоа, нелегалниот „бизнис“ си тече, затоа што илегалниот пазар го овозможува тоа, а побарувачката е огромна.

ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО БЕЛГИЈА

Во една акција реализирана деновиве од страна на белгиските власти заедно со Европол, полициските власти заплениле повеќе од 57 милиони цигари и 48 тони режан тутун. Акцијата успешно спречи циркулирање на тутунски производи со вкупна даночна вредност повисока од 32 милиони евра. Пазарната вредност на запленетите цигари во Обединетото Кралство, земјата во која според индициите се дистрибуира најголемиот дел од производите, би изнесувала околу 73 милиони евра.
Во овој случај треба да се обележи дека во заедничкиот тим, покрај локалните белгиски органи за спроведување на законот, беа вклучени белгиската федерална полиција и полската гранична служба за контрола, како и Бирото за криминалистичка полиција на Литванија, кое обезбеди соодветни разузнавачки информации, и сите заедно ја реализираа акцијата. Белгиските царински власти извршија претреси на објекти и магацини во приватна резиденција во Белгија. Некои од информациите неопходни за успешна реализација беа добиени токму од страна на Бирото за криминалистичка полиција на Литванија.
Службениците за спроведување на законот открија две целосни производствени линии за цигари со различни познати брендови. Дополнително, органите на прогонот успеаја да обезбедат огромен број празни пакувања, филтри, хартија за цигари, лепило, картон и фолија за пакување, како и седум нови машини подготвени за отворање нова линија за производство и пакување.
Претресите доведоа до откривање различни локации за тајно производство, како и магацини за складирање огромни количества тутунски производи. На некои локации, во просториите биле откриени дури и места за спиење за работниците што требало да бидат дел од производството на фалсификуваните цигари. Заедно со конфискувањето огромни количества материјал што се користел за производство на фалсификувани цигари, властите заплениле поголем број возила и уапсиле неколку лица од литванска, полска, украинска и јорданска националност.

Запленети огромни количества тутунски производи

Завршницата на акцијата придонесе успешно да се заокружи еден период на заплени од импресивни размери, во рамките на континуираната борба со нелегалното производство на цигари.
Само годинава во Белгија се откриени и демонтирани пет нелегални локации за производство на тутун и 15 складишта за складирање. Во истиот период, запленети се повеќе од 274 милиони цигари, 88 тони режан тутун, 65 тони тутун за водоводи и 40 тони суров тутун.
Вкупниот износ за овие запленети недозволени тутунски производи – кој се состои од акциза, посебна акциза и данок на додадена вредност, изнесува повеќе од 139 милиони евра.
Факторите како што се близината на Белгија до француската и до британската граница, зголемените стапки на акцизите во соседните земји и кратките растојанија до одредени црни пазари доведоа до тоа оваа земја да стане главен центар за нелегално производство и трговија со тутун.

ПРОБЛЕМИ И ВО МАКЕДОНИЈА

Според актуелните полициски билтени, Македонија не е земја што се спомнува поради нелегално производство на цигари, туку само за недозволена трговија со тутун или готови производи цигари. Ова особено се однесува на одредени региони каде што традиционално на големо се продава тутун нелегално.
Само во септември минатата година, полициските власти реализираа голема акција во која беа запленети производи што нелегално се продавале и претставувале акцизни добра. Во акцијата, на две одделни локации на територијата на градот Скопје, привремено беа одземени 280 килограми режан тутун, со што била избегната наплата на акциза во износ од околу 500 илјади денари. Против приведеното лице беше поднесена кривична пријава по членот 279 Б од Кривичниот закон.
Во паралелна независна истрага на граничниот премин Табановце, по детална контрола на товарно моторно возило, царинските инспектори од Одделението за оперативни работи привремено задржаа 1.200 пакети (59.996 штеки) цигари „марбл филтер де лукс“.

Македонците годишно трошат 97 милиони евра на цигари и тутунски производи

Шверцот на цигари е мотивиран од уживателите на никотин, кои го поттикнуваат овој бизнис, бидејќи сакаат да купат поевтини производи. Изминативе години цената на кутија цигари драстично порасна, што се одрази директно на стандардот на пасионираните пушачи. Во таква ситуација, многумина го бараа решението на црниот пазар, каде што можеа да ги купат своите омилени марки цигари за пониски цени.
Од друга страна, целта на државните органи со поскапувањето на цигарите, да се намали потрошувачката на овие производи и да се заштити здравјето на населението, ретко кога се реализира, токму поради постоењето на паралелен црн пазар на цигари.
Зголемувањето на акцизите за цигарите и другите тутунски производи доаѓа откако Светската здравствена организација донесе одлука сите земји во светот да воспостават единствен систем на оданочување на овие производи, кој треба да надмине ниво од над 70 отсто од малопродажната цена. Поскапувањето, кое почна во 2013-та, оди постепено, за да има помали оптоварувања и треба да трае до 2023 година.
Американскиот институт за метрика и евалуација на здравството пред неколку години направи истражување за пушачите во Македонија, од кое можеше да се види дека Македонците годишно трошат 97 милиони евра на цигари и тутунски производи. Според истражувањето, 37 проценти од Македонците се уживатели на никотин.
И покрај драстичното поскапување на цигарите, сепак, многу е мал бројот на оние што престанале со пушење. Уживателите на никотин продолжуваат да купуваат цигари и покрај нивните високи цени и ретко кој се откажал од нив. Токму тоа е дополнителен предизвик за шверцерите низ светот да го шират и развиваат својот „бизнис“.

[email protected]