фотографии: М.Т.

Во просториите на новиот културен центар „Феникс“ во Скопје денеска македонскиот истакнат уметник, хуманист и активист за мир Живко Поповски- Цветин му ја врачи „Цветинова награда за мир“ на писателот и професор д-р Христо Петрески, актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македониај и прв човек на издавачката куќа „Феникс“.

Во присуството на блиски пријатели и колеги на лауреатот, Цветин нагласи дека во ова време во кое мирот и хуманоста во светот се на тежок испит, убаво е авторите кои имаат мисија со своето творештво да ја поттикнуваат хуманоста и креативноста во својата земја, но и глобално, има големо задоволство да му ја додели „Цветиновата награда за мир“ на Христо Петрески, негов долгогдишен роднокраец, соработник и пријател.

Петрески, откако ја доби наградата, заблагодарувајќи се посочи дека признанието што го доби, кое посакувал да го има, е уште една потврда дека патот што го избрал чекорејкќи по својата животна врвица е оној вистинскиот. Петрески се потсети на некои свои важни животни мигови и одлуки, потсетувајќи се на луѓето и авторитетите со кои соработувал и на средбите со нив. Наградата, како што рече им ја псоветува на своите родители.

Настанот го отвори, но и го затвори, со интерпретација на убави македонски народни песни, поетесата Љиљана Стоилковска, а Цветин на присутните им ги подари своите цветни минијатури.

Претходно „Цветиновата награда за мир“ ја добиле: првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“; меѓународен шаховски мајстор Димитар Иливески; познатиот македонски писател Јордан Плевнеш; македонските иселеници во Канада Зоран и Весна Карапанчеви од Торонто; протоерејот Ратомир Гроздановски, универзитетски професор на Богословски факултет во Скопје; новинарот и поет Ѓорѓи Ѓорѓиовски и други.

Поранешниот македонски кандидат за „Нобелова награда“, Живко Поповски – Цветин, досега подарил над 60.000 свои слики и организирал над 300 изложби во Македонија и во светот (Шведска, Полска, Германија, Италија и Канада и Австралија), како и во поранешните југословенски држави.Во 2015 година, Цветин создаде слика од 1.001 метар.

Петрески е доктор по дидактички и методички науки. Докторираше на тема „Авторска бајка – компаративна анализа“, а магистрирал на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на тема „Хаику поезијата помеѓу елитното и масовното“. Сега е доцент на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА – Скопје.

Инаку, Христо Петрески бил новинар и уредник во редакциите на „Студентски збор“, „Млад борец“, Радио Скопје и „Нова Македонија“. Од 1982 година е основач и директор на издавачката куќа „Феникс“ и на Фондацијата за научна и културна афирмација и презентација „Македонија презент“ – Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1985 година. Еден е од основачите на списанието „Стожер“ и на манифестацијата „Празник на липите“ при ДПМ. Сега е главен и одговорен уредник на списанијата „Тренд“ и „Книжевна академија“. Автор е на повеќе од 25 книги и на голем број значајни републички и меѓународни награди и признанија. Негови творби и дела се преведени на повеќе светски јазици.

М.Т.