Црвено-жолтите се во групата 1, со Финска, Словенија, Грција, Италија и со Полска, а натпреварите ќе ги играат во салата „Борис Трајковски“

ОДБОЈКА – ЕП ЗА ЖЕНИ (ДО 19) ВО СКОПЈЕ

Македонија и Скопје од денеска, па до 4 септември, ќе бидат домаќини на Европското првенство (ЕП) во одбојка за жени (до 19 години.). На ЕП ќе настапат 12 репрезентации, поделени во две групи. Македонија е во групата 1, со Финска, Словенија, Грција, Италија и со Полска, а натпреварите ќе ги игра во салата „Борис Трајковски“, во последниот термин (20.30 ч.).
– За нас ова ЕП е ретка можност да ги тестираме капацитетите на неколку нивоа, пред сѐ во натпреварувачка, но и во организациска смисла. Сакаме женската одбојка да се врати на сцена преку долгорочен процес, за да добиеме и квалитетна сениорска репрезентација, а од друга страна, да се подготвиме за она што нѐ очекува наредната година, а тоа е организацијата на мечеви во група на ЕП за мажи во сениорска конкуренција – вели генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Зоран Карановиќ.
Во групата 2, во салата „Јане Сандански“, ќе играат Србија, Хрватска, Турција, Романија, Швајцарија и Холандија. Двете најдобри селекции од двете групи ќе се пласираат во полуфиналето и ќе се борат за титулата. Трето и четвртопласираните селекции од двете групи ќе разигруваат за пласман од петтото до осмото место. Бранител на титулата од минатото ЕП е Турција.
Селектор на Македонија, која првпат настапува на еден ваков голем турнир, е Србинот Стефан Пауновиќ, кој во минатите неколку месеци имаше опсежни подготовки за ова ЕП. Македонија претходно настапи на Балканијадата во Романија и на турнирот „Чајка“, а минатите денови одигра и две пријателски средби со Швајцарија.

Л.Д.


Распоред на натпреварите

Сабота: Македонија – Финска

Недела: Македонија – Словенија

Понеделник: Македонија – Грција

Среда: Македонија – Италија

Четврток: Македонија – Полска

Сите натпревари почнуваат од 20.30 ч.

Влезот е слободен